Вози, Мишко!

 

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Вчерашната вест што го обиколи светот вели вака:

„Британската агенција за стандарди за возачи и возила неодамна извести за нов неславен рекорд. Човекот, чие име не е објавено поради заштита на приватноста, успеал да го положи теоретскиот испит откако претходно паднал дури 157 пати, а за тоа потрошил околу 3.000 фунти.“

Хахахахахаааааа… Не знам зошто, паметот веднаш ми отиде на аналогија со нашава пуста политика: Има еден – поради заштита на приватноста, името не му го објавуваме – кој се обидува стотина пати до сега теоретски да ја освои власта во Македонија и му остануваат уште само 57 обиди конечно да успее во тоа! Упорноста, кога и да е, може да му се исплати.

Во меѓувреме, без „возачка дозвола“, крстари низ македонскиве политички сообраќајници доведувајќи го во опасност македонското граѓанство на сите можни анти-сообраќајни начини: вози во спротивна насока по политичката магистрала; се врти на кружните токови по стопати лево, без да го погоди излезот десно; паркира напред гледајќи во рикверц; не знае да процени кога треба да закочи, а потоа нагло чкрипи со гумите; вози под дејство на погрешни математички пресметки за свиоците; со години одбива возилото да го однесе на технички преглед; прибира случајни автостопери по пат и им дава и тие по малку нагло да го цимаат воланот; и, воопшто, ужива да се расправа со сообраќајната полиција кога ќе го фатат дека постојано лаже за тоа дека има дозвола.

Не распознава половина од сообраќајните знаци – на пример, не разбира што значи знакот за „слепа улица“, не знае кога треба да даде предност, не внимава на стока на патот, а за знакот за забрането претекнување на тестот дал одговор: „Црвеното возило е спортско и треба да додаде гас за да го претекне црното“!

По 156 неуспешни обиди, злобниците околу него велат дека е подобар во теоријата одошто во практичното возење и дека би бил одличен возач да не мора да вози, туку само да оди, со такси, по интервјуа на телевизии за бесконечно да објаснува како треба да се вози.

Додека тој, конечно, го положи возачкиот испит, ќе се распадне „авто школата“ што ја развозува. Автомобилските експерти кои му се блиски постојано му велат дека е одличен возач, само комисијата за полагање го мрази и е дел од големиот светски заговор против развојот на македонската сообраќајна култура.

Па, кога ќе се види кој му е инструкторот, не е ни чудо што стопати паѓа на испит: не се учи возење со инструктажа од далечина и тоа од шофер со доживотна судска забрана за управување со сите видови моторни возила.

Но, како што нè учи веста за упорниот анонимен Британец кој од 157-ми пат успеал да го положи теоретскиот дел од возачкиот испит, не треба никогаш да се губи надеж дека и нашиов политички талент еден ден ќе ја освои власта, макар и во 158-от обид. Кога автомобилите самите ќе се управуваат, а политиката ќе роди грозје.

Колумната на Сашо Ордановски е преземена од Civilmedia.mk

 

Back to top button
Close