Вработените во затворот Штип: Ја негираме приказната на Пандов, директорот на установата на осомниченото лице во неколку наврати му дозволува посети вон работното време
Група вработени лица во КПД Затвор – Штип до редакцијата на М Нет-ТВ побараа да се објави нивниот демант во однос на пресконференцијата за медиумите на директорот на дирекцијата за извршување на санкции Александар Пандов и директорот на КПД –Штип Дејанчо Здравков на ден 09.04.2025 година.
„Имено, на споменатата пресконференција директорот во своето излагање кажа многу невистини кои не кореспондираат со реалноста и превземените службени дејствија на овластените службени лица. Како вработени во установата во целост ја негираме ваквата лошо составена приказна која се пласираше на ироничен начин и со цинизам во јавноста, одговорно тврдиме дека вистината е сосема поразлична и постапувањето во однос на пронаоѓањето на сомнителни предмети фрлени од страна на лицата кои дојдоа до затворот во овој настан преку безбедносниот ѕид беше во правец на тоа да го пронајдеме она што е фрлено и доколку има било што недозволено да го одземеме и да пријавиме во СВР – Штип. Во текот на ноќните часови потрагата заврши без успех, но во текот на утринските часови со самото разденување повторно е направен обид да се пронајдат предметите при што успешно е пронајдено најлонска ќеса во која ќеса е пронајдена и сомнителната прашкаста и тревкаста материја. По нејзиното пронаоѓање превземени се сите оперативно протоколарни дејствија, известен е директорот на установата, пријавен е настанот во полиција, инспектори од СВР –Штип и крим полиција пристигнаа во затворот и пронајденото е предадено за понатамошно постапување. Евидентно е целосното постапување и превземените конкретни чекори во самиот дневен извештај на затворската полиција, а со сигурност го има и во полицискиот билтен. Во ниту еден момент нема простор за сомнеж дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на своите работни задачи и соработувал со осуденото лице во негова полза како што беше споменато на пресконференцијата од страна на директорите! Исто так, сакаме да напоменеме дека токму за осуденото лице Ж.Ж. директорот на установата на неколку наврати дозволува посети вон работното време со телефонски повици кон одговорниот на смена, истото е заведено во рапортните книги на установата, директорот на установата има дозволувано и вонредни пакети за истото осудено лице, но ништо од тоа не беше кажано на споменатата пресконференција! – напишаа вработени во КПУ Затвор Штип до редакцијата на М Нет-ТВ.