Вратени и априлскиот „рекорд“, и боемската опуштеност

Речиси 90 проценти од новозаболените во Скопје потекнуваат од 15 семејства. Во моментов има околу 25 кластери на заболени од вирусот.
Во пресрет на владината одлука за тридневно ограничување на движењето во сите скопски општини, (плус Карбинци, Куманово, Липково, Штип, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце), изненадувачки одекна веста дека лидер на партија, недозволено престојувал во затворен дел од угостителски објект, во кој Државниот пазарен инспекторат претходно бил спречуван да изврши увид.

Денеска веројатно ќе се знаат деталите за целиот случај, но она што доминира во јавните реакции, е дека настанот се случува во време кога токму од тој лидер и неговата партија доаѓаат најсилните критики за растот на бројката на новозаразени.
Вчерашниот биланс (101) се доближи до највисоката бројка досега, онаа од 16-ти април кога беа регистрирани рекордни 107 новозаболени. Здравствените власти уверуваат дека олеснувачки фактор е тоа што станува збор за познати кластери, кои се веќе под контрола. Од вчерашните потврдени случаи на позитивни на Ковид- 19, најголемиот број (59) се од Скопје. Најмногу ги има во Чаир – 12, по 10 во Центар и Бутел, по 5 во Аеродром и Гази Баба, по тројца во Кисела Вода и Сарај, двајца во Карпош, и по еден во Петровец, Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Студеничани.

Кријат податоци и адреси
Според Арбен Зибери, директор на Центарот за јавно здравје – Скопје, најголемиот број на новозаразени во Скопје се членови на исти семејства. Односно, од 15 семејства потекнуваат 90 проценти од новозаболените во градот. Најголемиот број од нив се заразиле преку одење на гости.
„Чаир е најголемото жариште во моментов и има најголем број на новозаразени. Но, и другите општини се под ризик. За споредба, во најголемиот пик во април во Сарај немавме ниту еден заразен. Потоа имавме еден период од две до три недели, кога во Сарај се зголемуваше бројот на новозаразени, но тие беа локализирани во неколку села, во неколку семејства. Во текот на последнава недела гледаме дека во Сарај се стабилизира состојбата. Студеничани е проблем во моментот, исто така и Арачиново, а и во Центар се регистрирани нови случаи, односно во сите скопски општини има нови случаи. Поради тоа сметавме дека не е возможно градот Скопје да се изолира парцијално, и затоа се одлучивме да одиме со целосна изолација на Скопје, а за другите градови предложивме полициски час од 16 часот до 5 часот изутрина”, рече Зибери за „Телма“.

Тој се пожали дека граѓаните многу често даваат лажни податоци, а некои не ги даваат ниту адресите на живеење.
„Многу е важно луѓето да соработуваат и да бидат искрени во одговорите затоа што така побрзо ќе ги најдеме контактите и ќе ги тестираме луѓето”, рече Зибери.
До денес се извршени над 32.000 тестирања. Со оглед дека состојбата се менува на дневна основа, не може да се зборува за фиксен број на кластери, а во моментов таа бројка се движи од 20 до 25 кластери. Во секој од нив има од два до 9 заболени.
Во оваа ситуација, важно е што продолжува поддршката на земјава во битката против епидемијата. Денеска во 13 часот пред просториите на Секретаријатот за европски прашања, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, заедно со евроамбасадорот Самоел Жбогар и министерот за здравство, Венко Филипче ќе ја претстават пристигната помош од ЕУ за нашата земја како поддршка во справувањето со Ковид -19.

Границите и транзитот
Веста за врќањето на рестриктивните мерки во земјава, брзо го обиколи соседството.
„Северна Македонија го врати полицискиот час“, „Македонците одат три дена во карантин“, се само дел од медиумските наслови во соседните земји. Во српски медиуми доминира и прашањето: како српските граѓани летово ќе отпатувааат до Грција по 15-ти јуни, откако таму ќе почнат дa примаат туристи од 29 земји, ако транзитот низ Северна Македонија сѐ уште не е извесен?
„Поради се поголем број заразени од корона вирусот, Северна Македонија го одложи отворањето на најзините граници и големо прашање е кога ќе се реши на тој чекор, бидејќи стравува дека би можеле да имаат уште повеќе увезени случаи, па макар причина за тоа да бидат и само туристите во транзит. Од друга страна, српските граѓани не се во можност да патуваат преку Албанија до Грција, бидејќи воопшто не можат да влезат во Црна Гора, и речиси е извесно дека оваа забрана ќе биде на сила и во наредните две недели. Според тоа, Србите до Грција може да патуваат со авионски превоз, бидејќи аеродромите во Солун и Атина ќе бидат отворени од 15-ти јуни, или како што е поизвесно, а и поевтино, ќе може да патуваат со автомобили преку Бугарија“, коментираат српски медиуми.
И соседните земји се уште водат битка со епидемијата, но во моментов нивните биланси се помали. За илустрација, во Бугарија во изминатото деноноќие биле регистирани 25 нови заразени од 1.174 тестирани.

Извор: ДВ

Back to top button
Close