Време за акција -реакција

Почитувани читатели, денешната колумна, поврзана со стечајот на Еуростандард банка, ќе ја посветам на тукушто формираните Собрание и Влада на Република Македонија. Согласно најавените приоритети на новоформираната Влада, како што се борбата против организираниот криминал и корупција, се надевам дека на прво место ќе им биде добро организирана акција за детектирање на најголемото општествено зло. Велам првото место бидејќи за градење силна економија и брз пристап за влегување во ЕУ, мора најнапред да се справиме со организираниот криминал и корупција. Тоа е единствениот пат нашата држава да се врати во колосек кон евроинтегративните процеси.

Институциите на прогон ќе имаат тешка и одговорна работа, за која што ќе мора да бидат проактивни. Стручните лица, кои ќе се бават со ова општествено зло, мора да бидат искусни, доследни и чесни. Ова е сериозен предизвик за новоформираната Влада и институциите на прогонот, бидејќи во текот на работата ќе се соочат со многу препреки. Јавноста мора да знае дека препреките се наоѓаат во самиот систем, наследен од минатата Влада и дека на таков ,,наследен” товар мора да му се стави крај.

Организираниот криминал не се детектира само по улиците на Република Македонија, туку е втемелен токму во системот.

Во случајот со стечајот на Еуостандард банка, официјално сѐ уште се води истрага за мене и моето семејство , за нашата недокажана вмешаност за носење на Еуростандард банка во стечај. Замислете, ние како семејство ја носиме Еуростандард банка во стечај?! Само умно болни луѓе можат да размислуваат на овој начин. Истрагата на Основното јавно обвинителство мора да се прошири, прво во Народна банка, која не користеше инструменти за стабилизација на Еуростандард банка. Говорам за инструменти кои согласно со Законот за банки се алатки во рацете на Народна банка за стабилизирање на банкарскиот сектор.

Актуелниот Гувернер Бежоска и нејзините Вице-гувернери донесоа едногласна одлука да се носи Еуростандард банка во стечај. Денес, 4 години после направениот стечај, евидентно е дека од досега насобраните финансиски средства во стечајната маса на Еуростандард банка, во стечај се собрани средства за целосно обештетување на сите физички и правни лица, клиенти на банката. Сѐ уште се прибираат свежи средства во стечајната маса . Болно е што имотот од Еуростандард банка се распродава по багателни цени. Целта е да се намали приливот во стечајната маса на Еуростандард банка во стечај. Отуѓени се блиску 10.000м2 деловен простор во центарот на Скопје, по цена пониска од 2.000 евра по м2.

Сакам и морам да верувам во новата Влада дека ќе направи исчекор во борбата против организираниот криминал кој го јавна системот од сите можни страни и ја турна Македонија во земја на корупција.

Народна банка мора да биде изведена пред лицето на правдата, не само поради фактот што во стечајната маса на банката има вишок на финансиски средства по исплатата на сите правни и физички лица, туку и поради следните факти:

-Народна банка во редовното работење на Еуростандард банка се покажа како маќеа. -Цела година пред објавувањето на стечајот на Еуростандард банка, ѝ беше одземено правото за работа со правни и физички лица, а за време на вонредната состојба, предизвикана од пандемијата Ковид-19, додатно ѝ беше одземено правото за присилна наплата на доспеани побарувања од нејзините клиенти. Со еден збор, банката однапред беше осудена на смрт.

Втор силен аргумент за Основното јавно обвинителство за покренување на истражна постапка е фактот што Народна банка прескокнува инструменти кои ги има на располагање, согласно Законот за банки, за стабилизација на банката, а тоа се: вонредни мерки, што во превод значи одземање на лиценци и право на работа на поедини членови на Надзорниот и Управниот одбор во банката и изрекување драстични казни. Жално, но овој инструмент Народна банка не го користеше. Убеден сум дека ќе најдат илјада причини во своја одбрана, зошто овој инструмент не бил користен.

Во случајот со инструментот администрација, што во превод значи преземање на Еуростандард банка од страна на Народна банка, со детална анализа во период од 12 месеци може да се утврди дали банката има право на живот или треба да оди во стечај. Доколку Народна банка го користеше овој инструмент, Еуростандард банка ќе беше спасена без никакви последици по нејзините клиенти, правни и физички лица.

Македонски пошти немаше да ја доживеат катастрофата за нивно уништување, бидејќи изгубија сериозни приходи, токму поради работењето со Еуростандард банка.

Еуростандард банка и Поштенска банка имаа дваесет годишен договор со кој 330 експозитури на Македонски пошти низ цела Македонија, беа водени од Еуростандард банка. Низ овие експозитури на Македонски пошти се одвиваше блиску 25% од вкупниот платежен промет на Македонија, на месечно и годишно ниво.

Од 1,4-1,6 милиони банкарски трансакции се вршеа на месечно ниво. Наплатените услуги за овие банкарски трансакции се делеа на 67% приход за Македонски пошти и 33% за Еуростандард банка.

Со носењето на Еуростандард банка во стечај, Македонски пошти изгубија 80.000 пензионери.

Повторувам, 80.000 пензионери, кои што беа редовно сервисирани, а приходите од тие услуги во најголем дел беа приходи на Македонски пошти.

Денес, Македонски пошти се на работ на опстојување, бидејќи со губење на бизнисот се изгуби и персоналот.

Очекувам, новата Влада да прејде од зборови на дела. Очекувам, Основното јавно обвинителство да ја стопира истрагата за мене и моето семејство. Очекувам, да покрене вистинска истрага, најнапред во Народна банка, потоа за вклученоста на Техниката влада предводена од Оливер Спасовски, како и Собранието на Република Македонија, поради недоследности во контролирањето на работењето на Народна банка.

Согласно Уставот на РМ, Собранието на РМ е единствената институција која има право да го контролира работењето на Народна банка. За жал такво нешто не се случи.

Заклучувам, многу институции се вмешани во стечајот на Еуростандард банка. Сега е вистинскиот момент да се отпочне со силна борба против организираниот криминал кој е длабоко вклучен во севкупниот систем на државата. Очекувам реакција на акција за колективни добро на Македонија, преку мој личен пример.

Додека очекувам, продолжувам да се борам.

Back to top button
Close