Врховен суд: Судовите да ги објавуваат и неправосилните пресуди!

Судовите да ги објавуваат јавно и пресудите кои не се правосилни. Ова денеска го одлучи Врховниот суд, на општа седница на која бил утвраден начелен став за објавувањето на донесени одлуки на веб страниците на судовите.

Судовите, донесените одлуки (пресуди и решенија) кои не се правосилни и кои се однесуваат на предмети од јавен интерес да ги објавуваат на веб страницата на судот“, утврдува Начелниот став, информираат од Врховниот суд.

Од таму појаснуваат дека начелниот став на Општата седница бил предложен од претседателот на Врховниот суд на Беса Адеми.

„Достапноста до судските одлуки е особено значајно за судската, стручната, медиумската и граѓанската јавност. Со ова, преку конкретно решавање на правното прашање, се исполнуваат целите на транспарентноста, систематизирани во Уставот како највисок правен акт, во нормативната рамка на процесните и системските закони, Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човекови права“, образложи претседателката на Врховниот суд.

Врховниот суд го донесе Начелниот став врз основа на член 37, став 1, алинеја 1 и 3 од Законот за судовите, според кои Општата седница утврдува начелни ставови и разгледува прашања во врска со работата на судовите.

Исто така, Општата седница донесе Заклучок за поднесување Иницијатива до Министерството за правда за измени на одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Начелното правно мислење на Врховниот суд следува откако Апелација не ги објави пресудите за случаите ,,Трезор” и ,,Таргет и Тврдина” за кои постои голем јавен интерес.

И двата предмети паднаа на Апелација, односно првостепените пресуди се укинати. Обвинет во двата случаја е екс директорот на УБК Сашо Мијалков.

Back to top button
Close