Вучиќ: Изборите на северот на Косово се срам за Европа
Во недела на северот на Косово ќе има страшен ден за демократијата и тежок ден за српскиот народ, ден во кој официјално ќе биде обележан срамот на Европа и светот за тоа што го организираа и го прават, рече претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва на ТВ Прва зборувајќи за изборите во недела во четири општини на северот на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ објасни дека Србите на Косово во ноември минатата година ги напуштија косовските институции не поради нивниот хир, или затоа што се луди и глупави, па сакаат барикади и тепачки, туку поради протиправно разрешените српски полициски командири, апсењата на србите, пукањето на децата срби во Штрпце и не само таму, грабањето земја, секојдневното малтретирање во врска со регистарски таблички.
-Десет години учествуваме на избори, а вие десет години не ја формиравте ЗСО. Сега доаѓаме до тоа што всушност се случува. Ќе бидам доста отворен, ова е срам за Квинта. Ќе направат избори и ќе ги прифатат, рече претседателот на Србија.
Како што додаде, веќе нема ниту еден српски кандидат во ниту една од тие општини на северот, откако Јаблановиќ денеска се откажа од учеството на изборите.
-Тука се кандидатите на Албин Курти и Хашим Тачи, кои ќе ги довлечат гласачите да стигнат некаде над четири отсто. И ќе кажат дека изборите се легални. Срам да им е на сите нив, цела Квинта, сите тие лажговци!, истакна Вучиќ.
Денеска им кажав полоши зборови од овие, додаде тој.
-Тоа го прават сите заедно затоа што треба да го поддржат Косово и да ја скршат Србија, а јас сега знам дека сакаат мене да ме скршат, можеби мене сакаат, но нема да им дозволам да ја скршат Србија. Ќе си играат со тоа, како да биде ЗСО кога никој од север не сака ЗСО, бидејќи на избори ќе ги преземат косовските Албанци.
Сега разбравме се, нема ништо од заедницата ЗСО. Ги наградивте со визна либерализација, ќе ги наградите и со избори да станат градоначалници на четири општини. Српскиот народ порачува, окупацијата е реална и недвосмислена, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија ги повика граѓаните на северно Косово да бидат смирени во недела.
-Да не ги ни погледнат, да видат презир во погледот на секој Србин, не гнев, туку презир и да ги оставаат на мира и да не ги напаѓаат никаде. Нека (Приштина) си ја одработи својата најодвратна работа, рече Вучиќ