Вучиќ организирал криминалци за да предизвикаат хаос на конференцијата за Западен Балкан во Тиват?
Инцидентот во Тиват отвора прашања за обид за дестабилизација на Црна Гора во пресрет на нејзиниот европски исчекор
Одбивањето на влез на група српски државјани кои пристигнале со чартер лет од Белград во Тиват непосредно пред Самитот ЕУ – Западен Балкан предизвика сериозни политички реакции во регионот и отвори сомнежи за можен обид за дестабилизација на Црна Гора во чувствителен момент од нејзиниот европски пат.

Според информациите објавени од црногорските медиуми, а пренесени и од Антена М, француските безбедносни служби ги известиле црногорските власти за доаѓањето на група лица од криминалното милје, за кои постоеле индиции за врски со владејачката Српска напредна странка. Информацијата потекнала од операторите на белградскиот аеродром, по што била споделена со француската разузнавачка служба ДГСЕ, која ги алармирала црногорските институции.
Црногорската полиција официјално потврди дека под засилени безбедносни проверки бил ставен чартер летот Белград – Тиват со 87 српски државјани. Дел од патниците биле идентификувани дека се од безбедносен интерес, по што им бил забранет влез во земјата.
Европскиот самит како безбедносен аларм
Инцидентот добива дополнителна тежина поради фактот што на самитот во Тиват учествуваат највисоките претставници на Европската Унија, меѓу кои претседателот на Франција Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, германскиот канцелар Фридрих Мерц и други европски лидери.
Во политичките кругови во регионот се погласно се поставува прашањето дали станува збор за изолиран безбедносен случај или за поширока стратегија на притисок врз Црна Гора токму во момент кога таа се наоѓа најблиску до членство во Европската Унија од сите држави кандидати од Западен Балкан.
Според критичарите на српскиот претседател Александар Вучиќ, случувањата во Тиват се вклопуваат во поширок модел на политичко влијание и регионални операции насочени кон одржување на влијанието на Белград во соседните држави.
Политички аналитичари и претставници на опозициски партии во регионот предупредуваат дека последните години се почесто се отвораат прашања за влијанието на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) врз политичките процеси надвор од Србија, особено во земјите од Западен Балкан. Критичарите тврдат дека преку политички, медиумски и безбедносни канали се гради мрежа на влијание насочена кон зачувување на регионалната доминација на Белград и спречување на политики што би ја намалиле таа улога. Во тој контекст, дел од јавноста ги поврзува и случувањата во Тиват, како и активностите околу контрамитинзите и политичката мобилизација во соседните држави, со пошироки операции на меко политичко влијание кои често се припишуваат на структурите блиски до БИА.
Опозицијата во Србија бара одговорност
Претседателот на Демократската партија на Србија, Срѓан Миливојевиќ, побара оставка од Александар Вучиќ поради, како што оцени, невиден скандал кој ја понижил Србија пред европската јавност.
„Јавноста сега може да го види она што Вучиќ со години го прави на регионалните собири. Не патува како претседател на држава, туку како шеф на мафија кој со себе носи параполициски структури, тепачи и криминалци“, наведе Срѓан Миливојевиќ во својата реакција.
Тој оцени дека спречувањето на влезот на овие лица од страна на црногорските власти покажува зошто Црна Гора напредува кон Европската Унија, додека Србија се соочува со сериозни критики за состојбата на демократијата и владеењето на правото.
Врските со Македонија и контрамитингот во Куманово
Случувањата во Тиват доаѓаат само неколку дена по митингот за поддршка на Александар Вучиќ во Куманово и контрамитингот за поддршка на Вучиќ во Белград, на кој учествувале и граѓани од Македонија.
На плакатите што се ширеа на социјалните мрежи беше наведено дека собирањето и поаѓањето кон Белград е пред српскиот конзулат во Куманово.
Опозициски партии во Македонија тврдат дека ова претставува недозволено мешање во внатрешните работи на друга држава и дел од пошироката концепција која во европските институции често се поврзува со идејата за „српски свет“.
Во ток контекст се споменуваат и неодамнешните контакти меѓу вицепремиерот Иван Стоилковиќ и претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, при што опозицијата бара одговори дали постоела координација околу организирањето на ваквите активности.
Антиевропскиот наратив и регионалното влијание
Критичарите на власта во Македонија сметаат дека настаните во Тиват не можат да се гледаат изолирано од, како што велат, пошироката антиевропска кампања која се води во регионот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, неодамна оцени дека антиевропската реторика има за цел да создаде негативен однос кон Европската Унија и да обезбеди политичко алиби за застојот на процеот на евроинтеграција. Според него, изолацијата од европските процеси создава простор за слабеење на институциите и за одржување на систем во кој што корупцијата и политичката контрола остануваат недопрени.
Во тој контекст, дел од аналитичарите предупредуваат на растечко влијание на српските и руските структури во регионот, како и на медиумски кампањи насочени против европската интеграција. Во јавноста често се споменува и улогата на медиумски фигури, како Драган Павловиќ Латас, блиски до владејачките структури во Белград во ширењето на вакви пораки.
Европа како главна цел на ударот?
За многумина, суштинското прашање по настаните во Тиват не е само кој се обидел да влезе во Црна Гора, туку зошто тоа се случува токму во момент кога земјата е најблиску до остварување на својата стратешка цел, членство во Европската Унија.
Додека европските лидери се собираа на самит посветен на иднината на Западен Балкан, во Тиват слета чартер лет кој, според безбедносните проценки на црногорските власти, бараше посебни контроли и мерки.
Случајот отвори сериозни дилеми дали станува збор за безбедносен инцидент или за поширок политички сигнал дека секој чекор кон Европската Унија ќе биде проследен со обиди за притисок, дестабилизација и демонстрација на влијание.
Црна Гора засега испрати јасна порака дека безбедноста на европскиот самит и европската иднина на земјата нема да бидат доведени во прашање.
Во регионалните политички кругови се почесто се поставува и прашањето за улогата на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) во процесите што ги надминуваат границите на Србија. Критичарите на официјален Белград сметаат дека преку политички, медиумски и безбедносни мрежи се настојува да се одржи влијание врз соседните држави, особено кога станува збор за нивните евроинтеграции. Доколку ваквите сомнежи се покажат основани, тогаш инцидентот во Тиват нема да остане запаметен само како безбедносен случај, туку и како уште еден пример за судирот меѓу европската перспектива на регионот и структурите кои се обидуваат да го задржат под старите сфери на влијание.






