За 1.400 евра се внесувале категории за камиони и автобуси: Левица бара истрага во МВР

Левица обвинува дека во Министерството за внатрешни работи незаконски биле внесувани категории за управување со камиони и автобуси во возачки дозволи на лица кои не ги исполнувале законските услови. Според информациите со кои располага партијата, за внесување на категориите се наплаќале околу 1.400 евра, а шемата опфаќала повеќе од 300 возачки дозволи.
Од Левица велат дека возачките дозволи најпрво биле заведувани како изгубени, по што во системот биле внесувани дополнителни категории за тешки моторни возила и автобуси, без лицата да ги исполнуваат потребните услови и без соодветно положен испит.
Партијата предупредува дека станува збор за сериозен безбедносен ризик, бидејќи лица без потребна обука и квалификации можеле да стекнат законско право да управуваат со камиони и автобуси.
Левица бара министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да објасни како било можно ваква шема да функционира во рамките на МВР и кои службени лица имале пристап до системите преку кои биле правени измените.
Дополнително, од партијата тврдат дека во случајот се појавуваат и лица кои претходно биле поврзувани со аферата со издавање лажни пасоши. Оттаму бараат да се утврди кој ги вратил овие лица во МВР, како повторно добиле службени овластувања и дали имале пристап до чувствителни полициски системи.
„Тошковски мора да одговори кој ги вратил овие лица во институцијата, кој им дозволил повторно да работат со чувствителни полициски системи и како е можно лица со ваква историја повторно да добијат доверба во МВР“, наведуваат од Левица.
Партијата бара целосна и независна истрага, која нема да се ограничи само на службениците кои директно ги извршувале незаконските дејствија. Според нив, потребно е да се испита и евентуалната одговорност на службени и политички лица кои можеби овозможиле, наредиле или прикривале злоупотреби.
Левица бара да се направи и проверка на претходните случаи поврзани со злоупотреба на системите за издавање лични документи и возачки дозволи, со цел да се утврди дали станува збор за изолиран случај или за поширока практика.
Од партијата ја обвинуваат власта дека, и покрај ветувањата за решителна борба против криминалот и корупцијата, во институциите продолжуваат да се појавуваат сериозни пропусти во контролата.
Како дополнителен аргумент, Левица посочува и на други безбедносни случаи за кои тврди дека се случиле во периодот на актуелното раководство на МВР, меѓу кои бегства на осуденици и заминување на лица поврзани со криминал.
Од Левица заклучуваат дека случајот со возачките дозволи отвора сериозни прашања за контролата и безбедноста на службените системи во МВР и бараат институциите да утврдат кој ја организирал шемата, колку лица биле опфатени и дали во случајот постои поширока мрежа на злоупотреби.






