За Брисел (Софија и Атина) Македонија е јагнето кое “му ја мати водата!” на волкот!?

Она што Брисел го премолчува, преќутно и одобрува, додека, официјална Софија, осојузени со официјална Атина, им го прават на Македонија и Македонците, е автентична копија од приказната за волкот и јагнето. Тој застанал на изворот – таму некаде горе, а јагнето “му ја мати водата!” – таму некаде долу!!!

Сепак, правам разлика помеѓу политичарите и народите, свесен за немилосрдната пропаганда која ги труе народите, обичните граѓани, кои се доведени да го премолчуваат и она што не го одобруваат.

Живеам во град – прв туристички центар во земјата, сакан и посетуван од граѓаните на Бугарија и Грција. Ме прави среќен фактот што нема ниту еден случај, грчки, или, бугарски граѓанин, да се пожаил на лош однос на моите сограѓани кон нив.

Некому да му била затворена вратата, или, недај боже оштетен автомобилот. Некому да му била направена “вратка”, за она што им било правено на македонските туристи во Грција.

Тоа што поединци, како оној (Ле)Пендиков, се “арестовани!” во Охрид, е само една смешна пропаганда, еден изолиран случај, издигнат до највисоко државно ниво од страна на “столицата!”, толку јасен, што, и пилците гледаат дека не станува збор за граѓанин – Бугарин, или Македонец, туку за инструментализиран објект во рацете на пропагандистите.

Едно лично искуство: пред отприлика две децении, тогаш како близок соработник на премиерот Црвенкоски, во својство на одговорен во владината Канцеларија за односи со јавност, во Софија, во хотелот “Балгарија”, со припомош на мојот софијански куќен пријател – брат, Стефан Велев (Бог да му душа прости!), организирав брифинг на Црвенкоски, со сопствениците на водечките бугарски медиуми.

Тогашниот наш амбасадор, покојниот Љубиша Георгиевски, донесе преведувачка. Од премиерот побарав “да не го трошиме времето во преведување”, нели сме “сашти!”, се разбираме. Неволно и со прекор, прифати. И се одеше “како по лој”, до моментот, кога, еден од присутните, почна да го проблематизира наводното “арестување!” на “извесна Балгарка” во Тетово.

Се најдов во небрано пред Шефот, а, после тоа, ме дотолчи Шефицата (нели и над Папата има попадија!), но, мене и ситуацијата не спаси тогашниот амбасадор во Скопје, кој допатува, во наша чест, во Софија. Побара, наместо нашиот премиер, тој да одговори на поставените “вопроси”. А, одговори вака: ако навистина имало таква “арестована!” Балгарка, би требало да знае и тој, или, барем, некој во конзулатот!

Еве рецепт, како понатаму? Како повторно да се зближиме, зашто “политиците”, навистина, многу не оддалечија. Гости од Бугарија немаме како што некојпат имавме, а и јас, самиот одавна не сум бил во “Столицата”, каде Стефан можеше да ми приреди прием кај “президента”, “батко” Жељу Желев, кога ќе посакав.

Не е неважно, дека, во Кабинетот, беше и подоцнежната потпретседателка на Бугарија, креаторката на елдорадото од расадници за Бугари во Пустец и Голо Брдо, драгата колешка од Бугарската национална телевизија, госпоѓа Јотова!!!

Со тешко срце, ама, веќе, заборавив на пријатните доживувања што сум ги имал во Поморје, Бургас, Несебар, Пловдив….

Уште еднаш, како понатаму? Секој со свој придонес во зближувањето на народите, секој со свој личен пример.

Шестта година, со соселаните од Црвена Вода, родното место на родоначалникот на литературното творештво за деца и млади кај нас, организираме поетски “лагер” – камп за млади, поетски надежи од Балканите. Ниту еден не поминал без учество на млади од Бугарија, а, повеќе се – од еден, што поминале во знак на учесници, токму од Бугарија.

Нас ниту не интересира, ниту веруваме во политиката на официјална Софија. Таа е полна со нелогичности, кои ги гледаме и ние и пријателите од Бугарија. Има, и нека ги има, колку им душа сака, граѓани кои овде се декларираат за Бугари. Исто како што има и Македонци во Бугарија.

Нека ги има и во Албанија. Кој тоа им го брани? Сеедно што, освен “политиците!” и “најќоравите” гледаат дека на сцена е чиста злоупотреба на маките на сиромашниот народ. Сеедно дали се тоа етнички Македонци, Албанци, Власи, или други, кои, не од бес, туку, од мака, позајмуваат евра, за да купат – не бугарски, туку европски пасош! Не одат тие во Бугарија по корка леб, туку, во европските земји.

Бугарија, односно, официјална Софија, само им поддава, односно продава, скапа алатка со која ќе стигнат таму.

Да беше поинаку, во Македонија, Албанија, но, и во други земји, бугарскиот пасош ќе се купуваше и порано, а не, откако стана европски пасош. Во Албанија, денеска, ќе ви кажат дека бизнисот со бугарски пасоши е повносен од бизнисот со марихуаната!?

За тој бизнис, односно криминал, во Албанија има судски процеси, осудени и избегани од правдата.

Исто, како што, впрочем, ги има и во самата Бугарија!

Доста беше!!!

 

Веле Митаноски

 

 

Back to top button
Close