За Македонската политика

Македонската политика сеуште не е препознатлив конструиран модел во светската политика. Таа засега е интересна мешавина (mixed salad) од елементи на византиската, словенско-централноазиската, игнорантско-аналфабетската и (повеќе во зародиш) европската политика. Очигледно е дека степенот на (не)дозреаност на државничката автономија и суверенитет се отсликува и врз степеност на (не)дозреаност на политичкиот феномен во македонската заедница. Не би било добро ако овој комплот на елементи заврши во некаква „папазјанија” и сурово политиканство што би имало негативен одраз врз целата заедница.

Таа и онака во овие историски мигови е растргната меѓу можниот посакуван лик на европеизирана држава, наспроти суровата реалност во која светската јавност неа ја карактеризира како длабоко поделено општество (според моја проценка – длабоко затруено општество); валкана земја (dirty state); хибриден режим; или (самите ние за себе) „патриоти и предавници”. Стои зад нас и ехото на низа слогани кои одзвонуваат со својота абсурдност и голема манипулативна моќ кон електоратот: Солун е наш; Ќе го уништиме октоподот; Антиквизација; Џуџето од Небрегово; Смрт за …; и слични небулози. А над сето тоа се вее знаме/бајрак, но не државното/нашето/македонското, туку амблемот од Вергина, остаток од времето на воспевањето на фалангите. Официјалното знаме често служи за палење, за газење, за изразување на нечиј ирационален гнев, за непочит кон заеднички договореното од страна на нашиот Парламент и од нашите избраници/парламентарци.

За жал, и кај политичките последици има доста кои не веруваат во сопствените јавно декларирани ставови. Некои од нив се заседнати со децении од мали ноѕе во парламентарните клупи, напумпани со кариеризам и клиентелизам и поглед свртен кон слободните плацеви на Водно. Во услови на сопствена благосостојба тие заборавија дека кога доаѓаа во „народниот дом” лозунгот им беше дека „комунистите останувале на власт со децении и дека треба да се иселат од Водно”. Ги нарекуваат и „тендераши”. Нема да ги именуваме, сами ќе се препознаат во текстот. Заштитени се со изборниот систем што сами за себе го креираа и кој им овозможува целата кариера/работен век да го поминат во пратеничките клупи без оглед на степенот и квалитетот на нивниот ангажман/„ангажман”.

Најнов „изум” во системот за политичарска вечност е воведувањето во игра на поимот „мисионерство” – тие не се обични, секојдневни, било какви политичари, туку се мисионери (нивниот политички ангажман е со мисионерски призвук, иако не кажуваат во што се состои нивната мисионерска задача и како, покрај вечното траење во политиката, ќе ја остваруваат мисионерската улога). Колку за потсетување, мисионерите настапуваат во име на некоја мисионерска организација и во функција на хуманитарни и цивилизациски цели, а најмалку заради некакви лукративни причини. Политичкиот активизам не е мисионерство туку е совладано и применето знаење примерено за 21-от век кое служи за квалитетни одлуки во однос на општетствените процеси, но и за воспитување на младите во духот на хуманиот прогрес. Мисионерството треба да почива врз извршени хумани дела и врз позитивната оценка на средината/јавноста за нив.

Збирот на социјалните негативности се надополнува и со непримерните однесувања на некои пратеници со што се создава лоша претстава кај јавноста за македонската политика – нејзината „dark side” слика.

Но, неопходно е поинакво поимање и практицирање на македонската политиката. Голиот прагматизам и политиканство се вклопуваат во популистичката „платформа” за политичко дејствување во која нема цврсто фундирани вредности кои ги бара степенот на цивилизацијата. Прекројувањето на политиката и на нефункционалниот политички систем треба да донесат ентузијазам, оптимизам, стимулација, надеж и квалитетни вредности кои ќе ја мотивираат младата генерација да развива критички однос кон социјалните негативности и да се нудат визија и креација за подобро утре на македонското општество – неговото „bright side”.

Тоа е возвишената цел на политичката активност, а не говорот на омраза и одмаздата. Успехот на политиката е во обединувањето на македонските граѓани, во јасно дефинирање и негување на благотворниот национален интерес, во постигнување и почитување на позитивниот национален консензус и компромис за судбината на заедницата на македонските граѓани, и во запирање на бранот на иселување на младите генерации, да се отстрани еден од нашите синдроми – синдромот на празни гнезда. Зашто, со заминатите млади иднината за нас станува празна, без идност во неа.

Севкупниот европски и светски либерален и демократски амбиент ја определува и траекторијата на изворната македонска политика. Впрочем, врвна цел на македонската држава е да стане дел од цивилизираниот свет и да придонесува во натамошниот развој на вредностите кои се на патот кон „очовечувањето на човекот”. Покрај тоа, таа вирее и се манифестира/функционира во речиси високо политизирано општество. Ноторен факт е дека Македонците и нивните сограѓани се интересираат за политика. Се разбира не со едногласие и со беспоговорно повинување на политичките настани и политичките одлуки. Нивните реакции се и кон лево и кон десно, позициски и опозициски, валидни и невалидни, рационални и нерационални (во Украина, на пример, Русија е во право, не, туку Америка е во право, и така vice versa), но, тоа е „сјајот и бедата” на младоста на македонската демократија и држава што влијае врз квалитетот на демократскиот дискурс. Политизираните Македонци/сограѓани сеуште не се масовна критичка маса, степенот на образование не е висок, читачката писменост е на ниско ниво, на политиката реагираат со голема доза на емоции и инстиктивност. Политиката низ историјата не била милозлива кон нив. Но тие сепак на прав начин умееле да се определуваат за светлата страна на развојот на цивилизацијата. И покрај нелогичностите во одлагањето на приклучувањето кон европскиот дом, тие сепак цврсто стојат на својата определба за членство во ЕУ. Тоа е сведоштво за нашата стабилност, и непокорната ориентираност кон Европската Унија.

Ова се некои напомени за Во Македонската политика треба да се вградат мудри насоки за нејзино суштествување на македонскиот простор. Послениците во сферата на политиката треба да се оспособуваат да ги препознаваат вистинските патишта како да се помине низ Сцилите и Харибдите на македонското чекорење кон рајот. Истовремено тие треба и да понудат свежина во политичките идеи и  практики, како и култивирана етикеција со која можат да ја спроведуваат и својата социјализаторска улога кон младиот електорат. Тие треба да сфатат дека недоличното однесување и голата борба за власт не гарантираат водење на умна и рационална политика. Насилството и наметнувањето на неквалитетни решенија се белег на деспотија, а не на демократија. Грдотијата на деспотијата ја почувствувавме во „деценијата на стравот и неумот”, чиј изумител денеска наводно прави бизнис во некое село во околината на Будимпешта.

А ние, овде на суровиот Балкан, на „бурето барут”, сепак сме наумиле на патот до нашиот дел од рајот да засадиме цвеќе.

Ѓорѓи Тоновски

Back to top button
Close