За околу две недели треба да се постигне договор за струја од Бугарија

 

Како што соопштија двајцата премиери, се зборувало за снабдување со струја од Бугарија во четвртиот квартал од оваа и првиот од наредната година. Како што рече Донев, станува збор за 200 мегават-часа пренос на енергија за периодот до 21 март 2023 година

За околу две недели би требало да се постигне договор за земјава да купи струја од Бугарија во периодот на четвртиот квартал од оваа и првиот квартал од наредната година. За техничките детали ќе се погрижи работна група која ќе се формира уште во среда и се очекува да се постигне договор за околу две недели.

За она што било разговарано и договорено, по средбите во Софија помеѓу македонската и бугарската делегација на прес-конференција информираа премиерите Димитар Ковачевски и Галаб Донев.

„Се договоривме да формираме веднаш во среда работна група составена од нашето Министерството за економија, бугарското Министерството за енергетика, како и од ЕСМ и другите компании во рамки на Република Бугарија, каде ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот. Во однос на цените, ќе треба да бидат дефинира согласно со легислативата на Република Бугарија, на ЕУ и на Република Северна Македонија. Разговаравме и за количините кои се потребни кај нас со оглед дека Република Бугарија е земја која е извозник на електрична енергија благодарение на капацитетите што ги има особено електрична енергија произведена од нуклеарната централа“,

рече премиерот Ковачевски.

Премиерот кој ја предводеше владината делегација на разговори во Софија за енергетската криза, оцени дека со бугарската делегација имале состанок кој бил во добра волја и се надева дека така ќе продолжи и работната група за да се постигне договор за две недели.

„Имавме состанок кој беше одржат во духот на добра волја, како што кажа Донев тој траеше подолго од предвиденото затоа што разговараме навистина за детали, со фокус на реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и стопанството. Со таков дух и таква волја се надевам дека работната група која ќе почне да работи во среда и дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе биде од обостран интерес“,рече премиерот.

Бугарскиот премиер рече дека тие многу бргу одговориле на апелот од Северна Македонија и спомена дека станало збор за купување на струја од 200 мегават часа до 31 март 2023 година.

„Бидејќи имаме големи капацитети, како за потребите на економијата, така и за домаќинството станува збор за 200 мегават часа пренос на енергија за периодот до 21 март 2023 година. Од среда започнува работната група која ќе ги изработи сите технички детали во врска со склучување и потпишување на таков договор од областа на електроенергијата“, рече Донев.

Се разговарало и за снабдувањето со гас и користење на складиштата во Бугарија

Покрај за снабдувањето со струја, како што соопшти Ковачевски, со бугарската делегација разговарале и за поврзување со нов интерконектор за гас кој би бил направен за поврзување со течен гас, а станало збор и за капацитети на постојниот интерконектор што го имаме со Бугарија, како и за можностите за складирање на течен гас во бугарските складишта.

Истото во својата изјава го потврди и Донев најавувајќи дека ќе се постигне договор за Северна Македонија да резервира одредени обеми за сместување на природниот гас во магацините на складиштата во Бугарија.

Бугарскиот премиер во воведното обраќање ги спомена и Договорот за добрососедство и протоколот, велејќи дека ќе се работи на сите теми со цел да се продлабочи соработката.

„Ќе работиме за продлабочување на конструктивната соработка во сите области кои ни се од заеднички интерес и ќе го имаме стремежот да ги опфатиме сите кои ги вклучуваат и Договор за добрососедство и соработка, како и сите договорени нешта од протоколите на меѓувладината комисија“,рече Донев.

Back to top button
Close