За оние кои се интересираат

Двајца комшии одлучиле заедно да купат папагали.  Влегуваат во продавницата, арно ама таму има само еден папагал, но затоа имаат бувови „на лагер“ колку сакаш. Така, едниот комшија го купил последниот папагал, а вториот купил був.  После некое време, се среќаваат комшиите во ходник, и едниот му вели на другиот „а бе комшија, овој мојов се утепа од зборење, твојов збори?“, на што вториот му одговара „не збори, ама многу се интересира“!

Така и ние – не зборуваме, ама многу се интересираме. Се интересираме за војната во Украина, се занимаваме со можноста за светскиот армагедон, дали и кога НАСА ќе прати луѓе на Марс, општо земено, се интересираме за сѐ, освен за сопствената работа.  Едно време, додека преговаравме прво со Грција, па потоа со Бугарија, нѐ фати колективен страв дека ќе го изгубиме идентитетот. Среќа наша, за цело време додека мантравме дека на патот кон ЕУ ги изгубивме Гоце и Самоил, уредно се туркавме преку ред по шалтери, упорно фрлавме ѓубре насекаде освен во канта, лежерно паркиравме по тротоари и тревници, дававме гас на пешачки, и вкупно се обидувавме (особено оние во државниот апарат), да работиме најмалку што можеме. Едвај, ама изгледа идентитетот сепак сме го спасиле.

Мали, раскарани и некадарни 

Исто и нашиве политичари – абер немаат од решенија, ама многу се интересираат, најмногу едни за други. Повеќе време, пари, и енергија потрошија во напади еден кон друг одошто да се потрудат на улиците да нема дупки, на пример, или да има парно. Едноставно не поминува пораката кај нив, дека во глобалната криза која веќе ни тропа на врата, ние сме упатени единствено самите на себеси. Никој друг нема да дојде и да ни ги реши проблемите, и илузија е дека процесот на чиј почеток се наоѓаме (преговори со ЕУ) е било каква замена за очигледниот пресврт кој мораме да го направиме дома. Во таа глобална борба, кај сме мали, кај сме сами, па уште раскарани, па уште некадарни.

Во ова време има доволно предизвици за да ги окупираат сите партии, не мора само да се занимаваат едни со други, можат малку да се заинтересираат и за нас. За Македонија, предизвиците, според мене се едноставни, но тешки за борба. Ние со договорот од Преспа и со компромисот со Бугарија, на подобар или полош начин, ја одбравме страната и патот – кон НАТО и ЕУ, со целата висока цена која за тоа ја плативме. Овој бинарен избор е сега дополнително засилен со војната во Украина, која не дозволува луксуз да се седи на повеќе столчиња, што значи дека ние практично, сме го направиле единствениот можен избор. Сега пред нас се два главни предизвици: како тој курс да стане неповратен, и колку брзо ќе се движиме по патот што сме го одбрале.

Национален консензус 

По првото прашање, клучот е национален консензус, или барем некаков обид за национално помирување по однос на тој стратешки правец. Сѐ додека постојат мејнстрим партии кои отворено заговараат дека доколку дојдат на власт, вкупниот правец по кој се движи Македонија би го ставиле под прашање, ние всушност немаме политичка стабилност. Затоа, првата задача за нашите политички елити е да најдат минимален заеднички јазик по тоа прашање, дали во вид на катарза во ВМРО ДПМНЕ за уставните измени, дали во вид на широка влада за време на првата фаза од преговорите, сеедно. Но, клучно е неопходно да создадеме некаков натпартиски наратив во овој процес– поделбите по овие стратешки цели, не само што ќе не дестабилизираат, туку секоја влада ќе ја направат целосно импотентна на ова, но и на другите полиња.

Вториот предизвик е потежок. Тоа е брзината и капацитетот за движење по правецот по кој се движиме. Најголемата опасност за вкупната енергија за реформи се состои од широко распространетото разочарување од резултатите на оваа политика досега. Електоратот е девастиран, уморен, циничен, апатичен и лут – а таа енергија се пресликува и во самите партии.  Постои изразен сентимент на граѓани кои се чувствуваат прелажани, а како да немаат што по тоа прашање да направат.  Затоа, итно е неопходно да ги собереме сите капацитети кои ги имаме – тука мислам и на билатерална помош од меѓународната заедница, во смисла на знаење – и секој атом заедничка енергија да го ставиме „на куп“ за да го забрзаме патот по кој сме тргнале. Ние реално друга опција немаме, зашто светската геостратешка позиција нема да ни дозволи луксуз на премислување, па затоа имаме избор дали ќе одиме напред, или ќе стагнираме.  Лево или десно не се опција.

Замор на материјалот 

Оттаму, клучно е она малку капацитет кој го имаме, да го активираме. Да бидеме реални, ние сме „тропа“ за преговорите, и ако не се собереме сите, па малку и да се „позајмиме“ од страна, процесот ќе стои. Тука не мислам само на политичките партии, кои, од себични причини, се обидуваат да останат единствени сопственици на овој процес. Тука пред сѐ мислам на експертски, граѓански, невладини, но и општествени капацитети, најмногу во смисла на заедничка заложба за напредок, желба да се учествува, но и притисок кон естаблишментот за резултати.

Ако не ја зграпчиме оваа шанса, ни се заканува општ синдром на „замор на материјалот“ од стагнацијата на политичката сцена воопшто. Симптомите на овој синдром се очигледни: сѐ помал одзив од избори во избори, фракции кај СДСМ, фракции на ВМРО ДПМНЕ, фракции кај ДУИ – тоа ќе се реперкуира или во масовен анти-естаблишмент сентимент на општа апатија, или во револуција која ќе ги збрише старите наративи, или во длабока и долготрајна криза на политичката понуда воопшто. Од таа перспектива, оваа сегашна „кризичка“ на партиите ќе ни изгледа како излет на Палма де Мајорка.

Петар Арсовски

Извор: дв

Back to top button
Close