За пожарот во „Пулс“ нема одбиен за притвор

Основниот суд Кочани определи 30-дневен притвор за сите 24 лица за кои Јавното обвинителство побара изрекување на оваа мерка. Обвинителството отвори истрага за пожарот во кочанската дискотека без лиценца „Пулс“, откако таму загинаа 59 претежно млади лица, а речиси 200 се повредени.

Меѓу 24-те лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во заминување Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.

Покрај нив, меѓу притворените се и ексминистерот за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка во истото Министерство, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и раководител во Министерството, Беким Хаџиу. Под истрага се и поранешните директори на Пазарниот инспекторат и Дирекцијата за спасување, Горан Трајковски и Беким Максути.

Лицата, како што информираше државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, се сомничат за кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку три години, што значи дека максимумот на казната е 20 години, а се сомничат дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.

Со досегашната истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ вои Кочани се опфатени 27 физички и 3 правни лица.

Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани. Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ.

Коцевски на прес-конференција посочи дека со завршување на истрагата ќе се разјаснат сите околности и факти за причината за пожарот, кој го предизвикал, начинот на предизвикување и со кое пиротехничко средство.

Повеќе

Back to top button
Close