Заев на Форумот Делфи: Преспа добар знак иднината на цел Балкан, сега е време да ја зголемиме меѓусебната доверба

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска учествуваше на панел дискусијата „Пристапување во ЕУ на Западен Балкан: Кредибилност, предвидливост и политичко водство“, во рамки на Економскиот форум Делфи, што се одржува видеоконференциски од Атина.

На панелот учествуваа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и премиерите на Србија и на Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама, а преку видео порака на форумот се обрати и српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Договорот од Преспа е добар знак иднината на цел Балкан. Сега е време за да ја зајакнеме соработката и да ја зголемиме меѓусебната доверба. Верувам дека сите наши соседни земји што се членки на ЕУ се многу посветени за европската иднина на Западен Балкан, истакна Заев.

Заев истакна дека сме посветени на европската агенда, но оти има простор да се направи уште повеќе, не само поради исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ, туку првенствено заради подобрување на животот на граѓаните,а тоа, според него, ќе сенаправи преку зголемување на довербата во институциите.

– Среќен сум што за време на мандатот на еврокомесарот Вархеји добивме историска одлука по 15 години за почеток на преговори. Сметам дека новата методологија ќе биде фер шанса за сите нас и ако сме навистина посветени ќе имаме повеќе отворени поглавја и повеќе постигнувања, рече лидерот на СДСМ.

Истакна дека Форумот Делфи дава добра можност за зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот, не само за Србија, Албанија и Северна Македонија туку и за останатите земји од ЗБ, изразувајќи надеж оти набрзо ќе станеме полноправни членки на ЕУ.

Back to top button
Close