Заев на средбата со Вархеји: Европеизацијата е нашата агенда на патот кон ЕУ, а поддршката со вакцини е голем гест на европската солидарност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, кој во рамките на неговата балканска турнеја организирана по повод испораката на првите вакцини против КОВИД-19 како помош од ЕУ за Западен Балкан, денеска пристигна во Северна Македонија.

На средбата, која се совпадна и со пристигнувањето на првите количини од 4.850 дози од одобрените вкупно 119.213 вакцини „Фајзер“, премиерот Заев изрази благодарност за помошта во времињата на решавање на предизвиците што ги наметна пандемијата и го оцени овој гест како голема порака за европската солидарност.

– Претседателот на Владата Заев на средбата информираше за начинот на организација на системот за национална сеопфатна имунизација и за текот на овој процес од кој се очекува до крајот на летото да опфати голем број граѓани при остварување на колективен имунитет на КОВИД-19, соопштија од Влада.

На средбата, како што информираа од Влада, станало збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласил дека Северна Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изрази очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

– Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите кои се во тек, Заев ја истакна посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и ги издвои резултатите кои се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата, додека пред очите на јавноста се случуваат неповратни процеси за справување со организираниот криминал, додадоа од Влада.

Премиерот Заев изразил благодарност и за економската помош од 160 милиони евра од ЕУ, кои и беа ставени на располагање на Северна Македонија за спроведување на политиките за справување со социо-економските последици од пандемијата со кои се спасени стотици илјади работни места и се заштитени различни ранливи групи, како придонес од огромно значење во успешното економско заздравување.

– ЕУ е нашиот пат, а европеизацијата е нашата агенда, нагласи премиерот Заев на средбата со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

Еврокомесарот Вархеји од своја страна оценил дека денешниот е голем ден што ја симболизира солидарноста на ЕУ со земјите кандидати за членство од Западен Балкан и истакнал дека за Брисел е значајно што оваа поддршка ќе ја засили борбата против пандемијата.

Вархеји дополнил дека нешто повеќе од 119.000 дози се обезбедени и дека во ЕУ работат на обезбедување дополнителна помош за справување со ковид кризата.

Во однос на интеграцискиот процес на нашата земја за членство во ЕУ, Вархеји потенцирал дека Европската Комисија дава силна поддршка на сите напори за изнаоѓање решение на отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел почеток на преговорите и позитивно ја оценил отвореноста и подготвеноста на Република Северна Македонија за изнаоѓање решение.

Back to top button
Close