Заглавена држава

Денко Малески

Ништо не и помага на ЕУ за да не помрдне од место. Ние, едноставно, не пропуштаме шанса да пропуштиме шанса. На денот кога требаше да продолжиме со преговорите за членство, добиваме порака од Брисел дека тие ќе продолжат после промените во уставот. И тоа ќе биде откога ќе се репреговара западниот „француски предлог“, порачува македонската опозиција.

Но, тоа не е можно, порачуваат авторите на договорот, големите сили. Што знаат тие? Ние сме самостојна и суверена држава и можеме да носиме одлуки исклучиво согласно нашите интереси. Наместо да влезат во полемика со нас за тоа како изгледа реалниот свет, еве сега, во екот на кампањата против корупцијата, големите се обидуваат и да не корумпираат со пари. Ветуваат милијарди.

Залудно. Ние едноставно немаме талент за компромис.Тоа поведение е посилно од нас. Секој од нас до последниот човек го искусил тоа отсуство на талент за компромис лично на работа. Не можеме да се договориме ама баш за ништо. Кај нас политиката е „се или ништо“. Затоа, во големата светска политика, најчесто завршуваме со „ништо“. Само да дојдеме ние на власт и ќе видите како се води држава. Никако да доближиме глави околу масата и да размислиме како заедно да ја извлечеме заглавената држава. Во услови на демократија која го озаконува несогласувањето, треба да се знае до каде се оди и во тоа несогласување, ама тоа не го знаеме.

Ако не ни е јасно како ќе изгледа процесот на одлучување со влада на ВМРО-ДПМНЕ, погледнете ја само судбината на собраниската комисија за „Онкологија“. Така ќе изгледа нашиот политички процес на сите нивоа после евентуалната победа на опозицијата. Да свалкаш некого долу и да го држиш на земја, се додека не ти ја предаде власта, тоа е смислата на нашата политичка борба.После? После другиот ќе ти го прави истото. Се додека не научиме подобро, да се исправиме и да си подадеме рака, ќе се валкаме на земја.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close