Захарова: Одговорот кон Литванија за блокадата на Калининград ќе биде практичен

Одговорот на Москва на одлуката на Литванија да го блокира рускиот транспорт на стоки во регионот Калининград врз основа на санкциите на ЕУ нема да има само дипломатски, туку практичен карактер, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

-Едно од главните прашања е дали нашиот одговор ќе биде исклучиво дипломатски. Одговорот е: не! Ќе биде практичен, рече Захарова на прес-конференција, пренесува Тасс.

Таа не сакаше да ја прецизира природата на практичните мерки што Русија планира да ги преземе против Литванија.

-Што се однесува до можните контрамерки, тие се развиваат во меѓуресорски формат. И Литванија и ЕУ се информирани преку нивните дипломатски претставништва во Москва дека таквите активности се недозволиви и дека преземените чекори треба да се поништат и ситуацијата да се врати на легален, легитимен колосек. Ако тоа не се направи, тогаш, се разбира, ќе бидат неизбежни одмазднички потези, што е нагласено на сите нивоа во Москва, рече Захарова, пренесена од Тасс.

Литванските власти на 18 јуни соопштија дека од дента ќе стапи на сила забраната за транзит на стоки под санкции на ЕУ преку нивна територија до руската енклава Калининград, а веста за забраната со видео порака ја објави регионалниот гувернер, Антон Аликанов.

На списокот на санкции на ЕУ се јагленот, метали, градежни материјали и напредна технологија, а Аликанов кажа дека забраната ќе опфати околу 50 отсто од артиклите што ги увезува Калининград.

Back to top button
Close