Захарова: Се обновуваат контактите меѓу Русија и САД

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека се обновуваат контактите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, откако претходната година беа речиси целосно прекинати.

Според неа, иако тој процес не е лесен, тој се одвива во повеќе насоки, особено преку подобрување на работата на амбасадите и дипломатските канали, пренесе Риа Новости.

– Контактите меѓу Русија и САД се обновуваат, откако претходно беа целосно прекинати. Тоа, се разбира, не е едноставна задача, но се одвива во различни насоки, истакна Захарова.

Таа рече дека клучна улога во овој процес имале рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, кои отворија простор за консултации меѓу дипломатите.

Захарова, исто така, напомена дека контактите се одвиваат и на парламентарно ниво, со руски сенатори кои комуницираат со своите американски колеги.

– Постојат и конкретни резултати кои веќе се постигнати, вклучително и подобрувања во работата на нашите амбасади, додаде таа.

Говорејќи за улогата на САД во Украина, Захарова истакна дека би било попродуктивно да се зборува за обнова на билатералните контакти отколку за американската посредничка улога.

– Не треба толку да зборуваме за посредничката улога на САД во Украина, колку за обновување на контактите меѓу Москва и Вашингтон, кои претходната администрација намерно ги уништи, заклучи Захарова

Back to top button
Close