Закоравената претстава за буништето
Ѓорѓи Тоновски
На времето, во селските дворови отпадоците (ѓубрето) не се расфрлаа низ целиот двор, туку за тоа имаше посебен дел кој се нарекуваше буниште. Тоа беше набиено ѓубре, немаше контејнери или канти со поклопец. Преселбата во градовите, особено интензивна по распадот на селските задруги, ги донесе луѓето од селата во градот, или во странство, пред се преку океаните (Америка, Австралија). Но селидбата не беше обично физичко изместување, промена на местото на живеење, туку беше своевиден длабок атак врз дотогашниот начин на живот и на работа на преселените селани. Доселените во градските средини мораа да го променат нивниот довчерашен вредносен систем и поинакви животни манири. Луѓето беа атакувани од новиот, градскиот живот.

И се случи делба – дел од доселените се прилагодија кон новото и него го прифатија како нешто сосема природно. Го оставија родното село зад себе, го сместија во своите спомени како дел од својот поранешен живот. Го оставија селото зад себе, станаа граѓани со лакирани чевли и со костуми. Меѓутоа, еден голем дел од таа преселена популација не се навикна на сето тоа. Таа групација при селидбата го понесе со себе и во себе и селото. Носталгично ги задржа во себе и вредносниот систем и манирите од родното село. Во таквите претстави остана и буништето со навиките да се фрла ѓубре околу себе, низ селото, во речните корита, по улиците, по ливадите околу селото, без при тоа да бидат опоменати од оние другите кои не сакаа таква валкана и испоганета животна околина. За жал, таквата превртена се пренесе и врз помлади генерации. Иако родени во градот тие се приклонија кон сфаќањата и навиките на нивните постари роднини.
Потоа, градовите ги прифатија таквите манири, па станаа валкани населби, а валканите населби ја извалкаа и државата. Купиштата расфрлано ѓубре на сите страни низ населбите и надвор од нив во природата и покрај патиштата се причината заради која Македонија од страна на Европската Унија го доби епитетот „Валкана држава„, односно „dirty state„. Состојбите на овој план станаа неподносливи. Буништето стана составен дел од градскиот пејсаж. Граѓаните бараат решенија од надлежните и од инспекциските служби, иако има градоначалници чија првенствена платена задача им е комуналната хигиена и градскиот превоз каде што го има, а не високите државни политики и светската контроверза. Некаде се измешани лончињата, работите веќе одамна се излезени од контрола.
Арно ама…
Надлежните што треба да се погрижат за хигиената во државата имаат проблем. Едни институции тврдат дека не се добро дефинирани компетенциите; други на тоа гледаат само низ призма на теориското, но не и на практичната акција за подобрување на состојбите со хигиената во македонските населби; комуналните инспектори велат дека се малубројни и не стигнуваат да ги опменуваат или казнуваат оние што се заслужни за називот Валкана држава итн. Проблемот стои, надлежните стојат, само сметот се зголемува секојдневно и се повеќе. Но да не заборавиме дека и во надлежните има луѓе кои се оптоварени со претставата за буништето и со селото во себе. Ним веројатно не им смета гнасната слика во животната средина нити гнасниот смрад што се шири по улиците. Загаденоста на воздухот во македонските градови е на листата на најзагрозените во светот и предизвикува последици по здравјето на луѓето.
Еколошката свест на македонските граѓани е на многу ниско ниво. Еколошките здруженија не се на ниво на нивната претпосставена задача (впрочем како што е случај и со другите здруженија што се формирани по разни основи и области од општествениот живот на републиката). Своето несогласување со ваквите состојби народот го изразува индивидуално, со низок степен на организираност.
Чистата животна средина и чистиот воздух веќе преминуваат во комплекс на менталитетот, но и во една од причините за напуштање на земјата. Но овој проблем истовремено се претвара и во индикатор за достоинството, гордоста и хуманоста на народот. Засега остануваат само празните ветувања од сите владеачки гарнитури на власта дека проблемот ќе се реши, но состојбата и натаму се движи кон алармантна – до опасност сметот да стане наша судбина. Тоа не смее да се случи. Таквата судбина би била своевиден суров атак врз нашата светла традиција на домаќинлок и префинетост на нашите луѓе и фамилии.
П.С. Во општата слика за сеприсутниот смет се вклопува и состојбата по булеварите и местата за одмор на сообраќајниците низ државата. Во ваква запуштена состојба за жал е и улицата Водњанска, по која секојдневно се движат возилата во кои се возат највисоките претставници на власта, но и нивните гости држаници од светот. Голем срам заради немарна работа која вработените од комуналните претпријатија би ја решавале секојдневно за отприлика за еден час. Тоа би било пофално и за Претседателката, која по дефиниција е добрата домаќинка…






