Здравствени работници и заштита од аеросолите кои пренесуваат САРС-КоВ-2!

Здравствени работници и заштита од аеросолите кои пренесуваат САРС-КоВ-2! Многу студии од светот, а и онаа македонската, потврдија дека здравствените работници и по една година не се заштитени соодветно на работното место. Маските кои ги користат здравствените работници, не вршат никаква улога во лична заштита, односно во комбинација со миење на раце, редуцирале најмногу до 16% респираторни инфекции во истражувањата. Ова е нешто кое мора сите да не загрижи.

Повеќето медицински работници работаат со обична хигиенска наречена трослојна хирушка маска, или во најдобар случај самите купуваат ФФП2/Н95 заштитна маска. Бидејќи вакцинирани во здравствениот сектор се слаб процент, на тој слој заштита не смееме да се потпреме како на основен. Премногу е порозен. Личната заштитна опрема (ЛЗО), секогаш мора да биде соодветна за специфичните ризици и услови за употреба.

Лична заштитна маска со вентили за издишување, во медицината не смее да се употребува. Издишаниот воздух преку вентилите не се филтрира и асимптоматските здравствени работници можат да заразат колеги и пациенти.

Изборот на ЛЗО треба да ја земе во предвид воздушната концентрација на супстанцата поврзана со работно место, како и граничната изложеност при работа со неа. Тековните политики во Македонија за јавното здравје, ја потценуваат улогата на преносот со аеросолите. Спротивно на доказите, властите претпоставуваат дека повеќето инфекции кај здравствените работници се јавуваат само при идентификувани изложености со висок ризик.

Последиците од оваа лоша политика се огромен процент заразени здравствени работници, главно субклинички, кои на работа заразиле и други колеги, создавајќи кластери, но и истите се одговорни за многу заразени хронични пациенти, како и починати лица од Ковид.

Болниците повторно го губат капацитетот да обезбедат нега на пациентите, поради отсуство на персонал заболен од Ковид болест или пак од изолација. Некои здравствени работници ни починаа, други ќе страдаат од долгорочни здравствени ефекти и со месеци нема да се појават на работното место. Овие резултати кои можат и можеа да се избегнат, треба да се запомнат кога се дискутира околу трошоците за заштита на здравствените работници.

Доказите од други студии покажуваат дека генерално, здравствените работници кои вршат аеросол генерирачки процедури на пациенти имаат докажан Ковид-19 и кои, како минимум, користеле Н95/ФФП2 респираторни маски, дека истите се соодветно заштитени од инхалациониот САРС-КоВ-2. Да напоменеме дека согласно проценките на ризик, работодавците треба да размислат како првенствено да се намали изложеноста на САРС-КоВ-2 до најниски нивоа.

Со оглед на ризиците (методите) на транспорт на аеросолите и распространетоста на инфекцијата кај различните здравствени работници, доказите покажуваат дека кај оние работници кои не се обезбедени со најмалку Н95/ФФП2 лична заштитна опрема, вклучително и во области кои не се директно изложени на работа со пациенти КОВИД-19, дека истите не се соодветно заштитени од инхалациони инфекции со САРС-КоВ-2!

Многу професионални тела демонстрираа лидерство со тоа што сакаа да влијаат врз креаторите на политиките за подобро да ги заштитат здравствените работници, додека другите се воочливи во нивната тишина. Лично верувам дека доказите поддржуваат надградба на Личната Заштитна Опрема, без разлика дали тоа е ФФП2 или ФФП3, и дека владините агенции и работодавците мора брзо да дејствуваат за да обезбедат пристап до нив, да изведат обуки за користење на ЛЗО, со што здравствените работници ќе се подобро заштитени и за оваа, но и за сите идни пандемии.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close