Здружението „Култура Бета“ одбележува пет години постоење

Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ вечер од 21 часот во кафе-книжарницата „Буква“ ќе одбележи пет години постоење со поетско-музички и визуелен настан „Сеопшт џем“.

На настанот ќе настапат младите поети и поетеси Ива Петреска, Ивана Јовановска, Виктор Бучковски, Методија Тасевски и Јасна Тркова кои ќе читаат поезија во придружба на музичарите од новата генерација Дарио Циевски, Мартин Џорлев, Борјан Гаговски, Дарко Јованов и Ана Томашич.

-Настанот е замислен така што во секој момент од настапот на поетите и музичарите може да им се приклучи и секој од публиката бидејќи ова е настан од заедницата за заедницата. Во текот на вечерта ќе биде поставен и голем колаж кои присутните ќе можат да го дополнуваат, доцртуваат, допишуваат, велат од „Култура Бета“.

Здружението „Култура Бета“ пет години е активно во сите области на културата. Покрај електронските платформи на кои објавуваат поезија, проза, музика, интервјуа, рецензии на филмови, книги и изложби, организираат и културни настани (поетски читања, промоции, разговори со уметници, изложби, концерти). Меѓу нив се и „Поетска епизода“, „Клинци“ и „Ре-култура“.

-Главна цел на колективот за овие пет години е создавање простор за промоција, афирмација и запознавање на творештвото на младите македонски уметници.  Роденденот на „Култура Бета“ се прославува под мотото „Ослободи ја младинската култура“ и токму затоа овој настан е отворен за целата публика, за сите уметници и секој може да земе директно учество. По „Сеопштиот џем“ следува диџеј сет на Макс и Тео, се наведува во соопштението на Здружението.

Back to top button
Close