Зеќири со солзи побара од судот да биде ослободен

Заврши постапката против екс генералниот секретар во Владата, Мухамед Зеќири. Денеска тој даде завршни зборови пред судот.

593 денови трае мојата лична драма, ни крив ни должен, како што покажа текот на судењето. 593 денови агонија во која мојот живот е превртен на глава, вака поранешниот генсек на Владата, Мухамед Зеќири ги почна своите завршни зборови во кривичната постапка против него. Според него, не може да биде обвинет за такво кривично дело, бидејќи вели извршувал туѓи замисли, а не своја замисла.

На почетокот на годината ненадејно почина мојот помал брат, оставајќи зад себе 3 малолетни деца, а потоа на мојата сопруга, како што е документирано во судот ѝ беше дијагностицирана тешка болест. Нејзиното лекување трае веќе 9 месеци, се уште не е завршено и не знаеме колку ќе трае и како ќе заврши. 593 дена откако бев стигматизиран во јавноста, не сум имал можност да заработам приходи за да се грижам и да им помагам на 4 деца, 3 мои и едно од претходниот брак на сопругата.

Во овој период сите материјални обврски паѓаат на товар на родителите на сопругата, кои од странство дојдоа во Скопје за да се грижат за нас и обвинителството парадоксално ги користеше како главен аргумент за продолжување на мојот притвор, посочувајќи дека можат да бидат јатаци, рече меѓу другото Зеќири со солзи во очите.

Тој рече дека обвинителката не го докажала неоснованото обвинение и побара ослободителна пресуда. Со емотивно обраќање, Зеќири објасни дека постапил според заклучоците на владата и дека тоа го потврдиле владините претставници кои беа и сведоци.

Зеќири побара од судијката да не дозволи покрај сувото да изгори и суровото.

Обвинителката Катерина Коларевиќ побара да биде осуден за злоупотреба на службената положба и да му биде конфискуван имот за штетата што ја предизвикал со двата консултатски договори за АД Пошта и МЖ Транспорт тешки околу 940 илјади евра и 422 илајди евра (вкупно над 1,3 милиони евра).

Анализирајќи ги доказите таа рече дека тој ги пречекорил службените овластувања и наместо да спроведе јавна набавка незаконски склучил директни договри во двата случаи.

Пресудата ќе биде објавена следниот петок (1 декември).

 

Back to top button
Close