ЗОО Скопје демантира дека се угинати над 40 животни

Зоолошката градина во Скопје демантира дека се угинати над 40 животни. Како што информираа денеска оттаму имаат 646 животни од 91 вид, за кои се грижат зоонегуватели кои професионално си ја работат својата работа и се грижат за животните.

Писмениот допис до медиумите, како што велат од ЗОО Скопје, го праќаат со цел и надеж дека одредени поединци ќе престанат со ширење дезинформации и невистини и со пласирање на информации со цел да ја вознемират јавноста.

 

– Поради тоа сакаме да известиме за бројот на угинати, но и за бројот на родени животни во 2022, 2023 и 2024 година, според официјалната евиденција и попис. Во 2023 година се родени 40, а угинати 10 животни, а во 2024 година се родени 33 животни, а угинати 15 животни. Вкупниот број на родени животни за овие три години е 73, додека пак на угинати е 25. Повеќето од угинатите животни се единки кои биле во длабока старост. Со оваа официјална бројка сакаме да ставиме крај на дезинформациите за угинати над 40 животни кои се пласираат во јавноста, истакнуваат од ЗОО Скопје.

Во нашата држава, како што наведуваат од ЗОО, има уште многу институции кои се привремен или постојан дом на животни и луѓе, но од ниту една од нив не се очекува и бара, ниту пак тие ја известуваат јавноста за секое угинато животно или починат човек.

Од ЗОО Скопје јавно ги поканија советниците од Советот на Град Скопје, медиумите, институциите и здруженијата организирано и со најава да ја посетат Зоолошка градина и сами да се уверат во начинот на грижата за животните и нивната благосостојба

Back to top button
Close