Зошто красиме новогодишни елки? – историјата зад оваа празнична традиција.

Новогодишните елки се чудна традиција: Секој декември, луѓето од различни делови на светот се упатуваат кон најблиската шума, исекуваат дрво, го носат дома, го украсуваат со лампиони и сијалички – за потполно нецеремонијално во Јануари, да го фрлат.
Но, зимзелените гранки биле главен зимски декор уште од античко време, како дел од прославите на паганската зимска краткоденица.

„Зимзелените дрва на фестивалите во средина на зимата се традиција уште од античкиот свет, а означуваат победа на животот и светлината над смртта и темнината –  објаснува Керол Кјузак, професорка по религиски студии на Универзитетот во Сиднеј.

Тешко е точно да се прецизира кога и каде овие пагански традиции се претвориле во традицијата која ја знаеме: Неколку земји тврдат дека се родно место на Елката и различни митологии објаснуваат што сето тоа би требало да значи. Но, додека новогодишните елки се појавуваат низ целиот свет, нивното потекло се следи во региони кои изобилуваат со зимзелени шуми – особено оние во северна Европа.

Еве како елката еволуираше во модерна икона – и инспирираше нови обичаи на патот.

Конкурентни“ приказни од Северна Европа

И Латвија и Естонија тврдат дека биле дом на првата елка. Латвија вели дека традицијата на елката потекнува уште во 1510 година, кога трговски еснаф наречен Куќа на црните глави носел дрво низ градот, го украсувал, а подоцна го палел.

Во меѓувреме, Естонија се спротивставува на овие тврдења, велејќи дека има докази за сличен фестивал организиран од истиот еснаф во нејзиниот главен град Талин, во 1441 година.

Историчарите се сомневаат во двете тврдења. Густав Стенга, од Националната библиотека на Летонија во Рига, за Њујорк Тајмс уште во 2016 година изјави дека прославите на еснафот најверојатно не се поврзани со Божиќ. Но, тоа не ги спречи овие две земји да се фалат – и на плоштадот на Градското собрание во Рига, одбележано е местото на првата елка.

Потекло на елката во Германија

Наместо тоа, Кјузак вели дека е поверојатно елката, каква што ја знаеме, да потекнува од регионот Алзас во текот на 16 век (Сега е дел од Франција, додека во тоа време се сметал за германска територија). Историските записи покажуваат дека во Стразбуршката катедрала во 1539 година поставена е елка – и дека традицијата станала толку популарна низ целиот регион што градот Фрајбург за Божиќ во 1554 година забранил сеча на елки.

Фолклорот нуди голем број различни објаснувања за значењето на елката. Дел сугерираат дека е инспирирана од рајското дрво, симбол на Едемската градина што се прикажувало во средновековна претстава за Адам и Ева. Други веруваат дека елката еволуирала од божиќните пирамиди, дрвени структури украсени со зимзелени гранки и религиозни фигури.

Кјузак не верува во тие теории; наместо тоа, таа вели: „Божиќното дрво требало да биде религиозно неутрално во контекст на христијанството“.

Сепак, традицијата  која се ширела меѓу германските семејства и низ годините постепено се менувала стигнала до она што го знаеме денес. Кјузак вели дека протестантскиот реформатор Мартин Лутер се смета дека прв поставил светла на елката – поконкретно свеќи, а не денешните електрични светла, (кои беа измислени во 1882 година) – по ноќна прошетка низ шумата под растреперените ѕвезди. Германските иселеници ги повеле овие традиции со себе кога се преселувале во други земји. До 18 век, вели Кјузак, новогодишните елки станале традиција низ цела Европа.

Елките стануваат тренд во Велика Британија

Кралицата Шарлот – принцезата на германско војводство која во средината на 18 век се омажи за кралот Џорџ Трети – се смета дека ја вовела првата елка во кралското семејство. Но, друга британска кралица ги направи новогодишните елки сезонска икона каква што се и ден денес.

Во 1848 година, кралицата Викторија и нејзиниот сопруг принцот Алберт ја заробија имагинацијата на јавноста ширум светот кога Illustrated London News објави илустрација од нивното семејство собрано околу украсена новогодишна елка. Кралицата Викторија била трендсетерка на своето време, и така традицијата тргнала низ светoт.

Сега, најпознатата накитена елка во Лондон е онаа што секоја зима го осветлува плоштадот Трафалгар. Оваа елка има богата глобална историја: Во 1947 година, Норвешка ја започна традицијата секоја година да и дава новогодишна елка на Велика Британија во знак на благодарност за нејзиното сојузништво за време на Втората светска војна кога норвешката влада, по нацистичката инвазија, се засолни во Велика Британија.

Церемонии на палење на сијаличките на елките во САД

Германската традицијата на елката најверојатно преминала во Соединетите американски држави кон крајот на 18 век, кога хесиските трупи им се придружија на Британците да се борат во Револуционерната војна. Во следните години, германските имигранти ја донеле традицијата во САД која, како што пишува историчарот Пен Рестад, со текот на времето „станала точка на фасцинација за другите Американци“.

Американските семејства го прифатиле украњувањето на елката по 1850 година, кога списанието Godey’s Lady’s Book со седиште во Филаделфија повторно ја објави божиќната сцена на кралското семејство од Illustrated London News. Но, списанието направи неколку измени, менувајќи ја круната на Викторија и ременот на Алберт за да ги трансформира во верзија на американско семејство.

Денес, осветлувањето на двете омилени новогодишни елки во САД е дел од ритуалот на земјата за започнување на сезоната на празници. Во 1923 година, претседателот Калвин Кулиџ го надгледуваше осветлувањето на првото Национална новогодишна елка; една деценија подоцна, во 1933 година, Њујорк ја осветли првата елка пред Рокфелер центарот, која оттогаш стана задолжителна место за туристите и жителите на њујорк, секоја празнична сезона. Двете елки оттогаш се осветлуваат секоја година, освен неколку години во 40-тите години на минатиот век поради ограничувањата и затемнувањето за време на Втората светска војна.

 

Новогодишните елки во Русија

Новогодишните елки имаат долга традиција во Русија. Сепак, силно украсените елки што секој декември го осветлуваат плоштадот во катедралата во Кремљ не се поврзани со Божиќ. Ова се новогодишни елки или yolka, традиција што произлезе од забраната на новогодишни елки во пресрет на Руската револуција.

Во дваесеттите години од минатиот век, новоинсталираната советска влада започна кампања против религијата – почнувајќи од, како што ги сметала, „буржоаските“ традиции, како Божиќ. Со забраната на новогодишни елки и други обичаи, секуларниот режим започна да ги охрабрува граѓаните наместо тоа, да ја слават Новата година.

Но, до 1935 година, советското раководство, во однос на леката, го смени ставот. Павел Постишев, висок советски службеник, објави напис во весник кој сугерирајќи дека семејствата треба да ја прослават Новата Година со „елка која сјае во илјадници светла“. Но, додека Божиќ се врати во Русија во 90-тите години, со распадот на Советскиот Сојуз, традицијата на накитената елка се поврзува со Нова година.

 

Елката од метален отпад на Антарктикот

Дури и Антарктикот има свои удели во традициите на новогодишните елки – иако на јужниот пол нема дрвја. Во 1946 година, членовите на екипажот кои се наоѓале во експедицијата на американската морнарица на Антарктикот, го прославиле Божиќ на море, врзувајќи на нивниот јарбол смрека од Канада. Повеќе од половина век подоцна, истражувачите со седиште во американската станица Амундсен-Скот на јужниот пол направиле елка и украси од старо железо. Традицијата траела кратко – Националната научна фондација вели дека елката од старо железо веќе не е дел од Божиќните прослави на истражувачката станица на Антарктикот.

 

Божиќни чамци на Грција

Во Грција, луѓето некогаш украсувале божиќни чамци наместо елки во чест на Свети Никола, заштитник на земјата и на морнарите. Не само што семејствата поставувале мали дрвени чамци во своите домови како симбол на „добредојде„ за морнарите, туку и украсените чамци заземале почесно место на јавните плоштади во градовите како што е Солун.

Меѓутоа, во модерните денови божиќниот чамец е засенет од елката. Но, такви чамци сè уште можат да се забележат во некои островски заедници.

  

„Грабеж“ на елките во Скандинавија

Од 17 век, скандинавските семејства посветуваат еден од празничните денови на „грабеж“  на слатките од елките, пред леките конечно да ги раскитат и да си фрлат. На 13 јануари, Денот на Свети Кнут (по кралот Кануте, кој владеел во 11 век). Првично славен во Шведска, празникот се смета за 20-ти и последен ден на Божиќ – за разлика од другите земји каде Божиќ трае 12 дена.

За да го прослават Денот на Свети Кнут, семејствата закачуваат колачиња и други слатки на своите новогодишни елки, за децата потоа да ги „ограбат“. Откако семејство завршува со „грабежот“, луѓето пеат додека елката свечено ја фрлаат низ вратата. (Во Норвешка, дрвото се сече и се фрла во каминот.)

Традицијата од Денот на Свети Кнут исчезнаала, бидејќи Швеѓаните започнале порано да ги раскитуваат божиќните украси, но шведскиот фолклорист Бент аф Клинтберг вели дека традицијата останала запомнета низ народните песни и приказни.

 

Божиќните трупци од Каталонија

Традиција поврзана со елката е и каталонската Тио де Надал, шуплив труп со насликано лице што семејствата го носат во своите домови неколку недели пред Божиќ. Од децата се очекува да се грижат за Тио де Надал, завиткувајќи го во ќебе и оставајќи храна и вода навечер. Потоа, на Божиќ, тие го тепаат трупчето со стапови за да „искака“ подароци и слатки од дупката на задниот крај.

Според НПР, оваа необична традиција веројатно еволуирала од пагански ритуал во кој луѓето палеле стебла на дрвја за да се стоплат преку зимата. Но, зошто трупот треба да ги „искака“ подароците? Кузак вели дека тоа може да биде поврзано со Каганер, фигура на селанец кој врши нужда на сцените на Раѓањето во Каталонија, симболика која пренесува порака дека „светот се сврти наопаку, кога во одредени периоди се слават сиромашните или обесправените, а возвишените се доведуваат на ниско ниво“, објаснува Кузак. „Идејата е дека изметот ја оплодува земјата; каганерот ги отелотворува доблестите на човекот“.

Но, вистинското потекло на овој каталонски ритуал останува обвиткано со мистерија – и, исто како и другите традиции поврзани со елката, може да исчезне низ времето.

извор: National geographic
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close