Зошто од жештини умираат повеќе жени отколку мажи

Статистиката вели дека жените умираат почесто од мажите од болести поврзани со топлина. Според научниците тоа се должи на подолгиот животен век, условите за работа и нееднаквиот пристап до одмор.

Според податоците за смртност од 35 земји за време на жешкото лето во Европа во 2022 година, една студија открила 56 проценти повеќе смртни случаи поврзани со жештините кај жените отколку кај мажите.

Ова лето сè уште не е завршено, а според податоците на институтот „Роберт Кох“, Германија до средината на јули ја забележала најсмртоносната сезона на топлотни бранови од 2016 година, со речиси 9.800 смртни случаи поврзани со топлината. И меѓу нив има повеќе жени отколку мажи.

Институтот „Роберт Кох“ поголемиот број смртни случаи кај жените го објаснува со фактот дека жените сочинуваат поголем удел во најстарите возрасни групи.

Дали хормоните ги прават топлотните бранови поопасни за жените?

Медиумите акцентот го ставаат на хормоналното објаснување: женските тела едноставно не се приспособени за жештини, тие помалку се потат, имаат повеќе телесни масти, а прогестеронот ја зголемува базалната телесна температура.

Научниците кои го проучуваат влијанието на топлината врз човечкиот организам велат дека тоа главно не е точно.

„Генерално, студиите најчесто покажуваат само малку поголема чувствителност на топлина кај жените во споредба со мажите. Тоа всушност не е особено силен показател“, вели Александра Шнајдер од институтот „Хелмхолц“ во Минхен.

Постојат мали разлики: жените имаат пониска стапка на потење, помала површина на кожата во однос на големината на телото и поинаква распределба на мастите што влијае врз терморегулацијата. Хормоните исто така имаат улога, но таа не е еднаква во текот на животот.

 

Најзагрозени: постари жени со срцеви заболувања

Шнајдер посочува на една специфична група: жените во постменопауза, кога кардиоваскуларниот ризик се зголемува. Постарите жени со веќе постоечки срцеви заболувања, според неа, веројатно се изложени на најголем ризик од сите.

Но дури и во тие случаи таа не смета дека биологијата е главната причина за поголемиот број смртни случаи за време на топлотните бранови.

„Условите за живот и општественото опкружување во кое живеат жените веројатно претставуваат поголем ризик од самите разлики во хормоналниот статус.“

А што е со бремените жени?

Тоби Миндел, професор на Универзитетот Брок во Канада, кој ги проучува екстремните средини и нивното влијание врз човечкиот организам, вели дека влијанието на биологијата е „преувеличено“. Факторите кои најмногу определуваат како некое лице се справува со топлотен бран, според Миндел, се возраста, големината на телото, физичката подготвеност и вообичаеното ниво на физичка активност, а не биолошкиот пол.

Потењето е еден од примерите. Иако жените помалку се потат, тоа не ги прави поранливи затоа што тоа го надоместуваат на друг начин.

„Тие испраќаат поголем проток на крв кон кожата, односно многу подобро активираат вазодилатација од мажите“, објаснува Миндел. Тоа значи дека нивните крвни садови поефикасно се шират, пренесувајќи ја топлината до површината од каде што таа може да испари.

Бременоста, за која многумина претпоставуваат дека мора да биде опасна во услови на жештина, е уште еден пример.

„Како што жената напредува низ бременоста, нејзиното тело всушност станува подобро во поднесувањето на топлина“, вели Миндел.

Тој прави јасна разлика меѓу физиологијата и околностите: постојат добри причини бремените жени да не извршуваат тешка физичка работа на отворено за време на екстремни горештини. Но нивните тела не се причината за тоа.

Ако разликата не е физиолошка, од каде тогаш потекнува?

Лори Парсонс, истражувач од колеџот „Ројал Холовеј“ при Универзитетот во Лондон, проучува како топлотниот стрес се пренесува низ глобалната економија, во градежништвото, фабриките за облека, земјоделството, транспортот и уличната продажба.

Во сите овие области, како што наведува, жените поминуваат од 30 до 50 проценти повеќе од своето работно време над прагот на топлотен стрес отколку мажите. Во градежништвото, кога се споредуваат мажи и жени кои ја извршуваат истата работа, таа бројка се зголемува на околу 50 проценти.

Причините, според него, се од структурна природа. Жените често носат повеќе облека за истата работа. Мажите имаат повеќе самодоверба кога бараат паузи. Таму каде што машката работа е видливо напорна, таа се препознава како ризик од топлина и се наградува со одмор. Од друга страна, работата на жените е порамномерна, помалку очигледно исцрпувачка и за неа нема такви олеснувања.

Парсонс тоа го споредува со разликата меѓу авионска несреќа и изложеност на азбест: едното е ненадејна, видлива катастрофа, а другото е бавна, постојана штетност што лесно може да се занемари.

„Топлотниот стрес кај мажите обично е повидлив ризик, каде што имате релативно видливи моменти на физички напор со кои може да се управува“, вели тој. „Топлотниот стрес кај жените е постојано присутен, но многу помалку видлив, бидејќи ги нема истите очигледни врвови во текот на работниот ден.“

А кога работната смена ќе заврши, додава тој, мажите одмораат, додека жените готват, чистат и се грижат за децата.

Жештината исто така ја намалува заработката. Парсонс наведува дека работниците изложени на топлотен стрес се околу 30 проценти помалку продуктивни во секторот за производство на облека, што, како што вели, најлесно може да се измери.

На формалните работни места, работниците тоа го надоместуваат со подолго работно време во најтоплиот дел од денот, што поттикнува она што тој го нарекува „маѓепсан круг“ на влошување на здравјето и намалување на продуктивноста. Самовработените немаат таква заштита. За нив, топлотниот стрес едноставно значи помал приход, што со текот на времето се одразува врз целото семејство.

За Парсонс, почетната претпоставка е погрешна.(dw)

Back to top button
Close