8-ми јули – последна отстапка од СДСМ за ВМРО ДПМНЕ за избори

8 јули е последна понуда од владеачката СДСМ до опозициската ВМРО ДПМНЕ за одржување на одложените заради пандемијата предвремени парламентарни избори.

Ова според извори во СДСМ, му го кажал лидерот Зоран Заев на разговорите со европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји кој се вклучи да посредува мегу власта и опозицијата за утврдување на нов датум за изборите.

Комесарот Вархеји, како што беше најавено вчера, вечерта разговарал телефонски со лидерите на СДСМ Зоран Заев и со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски.

Заев на еврокомесарот Вархеји му објаснил дека повеќе нема причини за барање нова вонредна состојба и дека е апсолутно штетно за државата од секој аспект понатамошно одложување на изборите и побарал да влијае на Мицковски изборите да се одржат најдоцна на 8 следниот месец а доколку е и тој датум неприфатлив за опозицијата тогаш 5 јули останува денот на кој би се одржале одложените предвремени избори.

Плус инфо повикувајќи се на брифинг од ВМРО ДПМНЕ по синокешните разговори со еврокомесарот објави дека за ВМРО ДПМНЕ е прифатливо избори во јули но не без меѓународна набљудувачка мисија и како што изјавиле по диктат на Заев.

ВМРО-ДПМНЕ нема причини да бега од избори, зашто Заев и СДСМ ќе бидат поразени, дури и ако изборите се одржат на 5 јули. Но, постојат две крупни причини поради кои партијата смета дека 5 јули не е прифатлив датум. Првата причина е добро позната, пожелно е сите заедно да купиме барем уште малку време, во надеж епидемијата да стивне и да се создадат услови за одржување на повеќе или помалку безбедно гласање. Втората причина е што ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати избори на кои дури и официјалната кампања ќе мине без стандардниот меѓународен мониторинг, а не само изборниот ден, објави плус инфо повикувајки се на брифинг од извор од ВМРО ДПМНЕ.

За партијата на Мицковски средината на јули односно 15 јули е прифатлив датум за одржување на изборите а како причина се наведува дека во раководството на партијата имало жестоко противење да се оди на избори на 5 јули само поради хирот на Заев и под негов диктат, во околности кои според нив биле целосно неразумни и неприфатливи. И од двата спротивставени табора потврдуваат дека во наредните два дена се очекува да продолжи индиректната комуникација со посредници меѓу партиите за датумот на изборите. за СДСМ останува 8 јули како последен предлог за датум за одржување на изборите а доколку ВМРО ДПМНЕ не го прифати остануваат на 5 јули како ден за изборно премерување на силите.

Back to top button
Close