Европо довиждане

На крајот на краиштата, баш ми е гајле што изјавиле Румен Радев, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. Проблемот е што Европската унија во која уште гледаме некој добар модел и пример за демократија, добро владеење и благосостојба легитимира практика една држава да бара од друга држава и од цел еден народ да се откаже од идентитетот.
Навистина, не ми е јасно за што преговараат тимовите од двете држави? Што значи, на пример, фразата: „направен е извесен напредок“? Или „направени се некои отстапки“? Што отстапки? Што има тука да се преговара? И што има тука да се отстапува? И што е најважно – Каква врска има тоа со иднината? Каква врска има тоа со проширувањето на Европа, со регионалната стабилност и со просперитетот на Балканот? Зоран Заев може колку сака да биде оптимист, а Бујар Османи може цело време да ја спушта топката, ама ако Европската унија не нѐ сака само затоа што сме Македонци и зборуваме македонски јазик, тогаш стварно не знам зошто толку ние би се вознемирувале што изјавиле Радев или Захариева.
Тие што признале дека имаат бугарски корени си извадија бугарски пасоши. Веќе се во ЕУ. Утре можат и да им гласаат на избори во Бугарија, па и да се кандидираат таму да водат политика. Ама, нема белким ние што останавме тука цел живот да го потрошиме во докажување на Бугарите што сме, кои сме и каков јазик зборуваме. Во НАТО сме. Зарем ѝ прилега на земја-членка на НАТО да си го губи времето во глупави дискусии за ДНК-то и пијани расправии чии биле народните песни? Ете, рамноправни сме и со Бугарите во НАТО. Ако ги нападне некој нив, како НАТО партнер ќе одиме да ги браниме. Не дај боже нас некој да нѐ нападне. Ќе дојдат тие да нѐ бранат, па пак ќе нѐ окупираат.
Целата колумна на СДК.мк






