Братска прегратка

Ќе ми простите што повторно го узурпирам вашето внимание, меѓутоа сакам искрено и длабоко да споделам нешто што длабоко во мене тлее, а е поврзано со нашата национална посебност. Во текот на вчерашниот ден внимателно ја слушав изјавата на лидерот на опозиционата партија во бугарскиот парламент, каде во неговото интервју нѐ идентификува како еден народ во две држави, мислејќи на бугари кои живеат во Република Македонија и Република Бугарија.

Шокиран сум од фактот што во целиот политички живот во соседна Бугарија, ние македонците сме поставени на трпеза  за да си поигруваат со најсветото, што мене лично многу ме повредува и создава негативна перцепција кон нашиот источен сосед. Учеството на Бугарите во двете Светски војни, и тоа секогаш на страната на губитниците, беше наградувано, а таа награда беше територијата на Македонија и ние македонците. Минуваат векови, меѓутоа кај нашиот источен сосед еволутивниот развој во прифаќање на реалноста, особено во прифаќање на новите демократски, еманципирачки процеси кои се одлика на високо развиените земји во Европската унија е комплетно блокиран.

Толку голема „љубов“ кон нас македонците како неосознаени бугари е навистина парадокс во севкупната човечка историја.

Па дали нашите соседи бугари сфаќаат дека нивната браткса прегратка е смртоноста, нѐ задушува, сакаат да нѐ обезличат, сакаат да нѐ убијат. Дали е тоа братска љубов? Не, мои читатели, братската љубов се докажува со дело, како и секоја љубов. Љубовта подразбира да му се дадат крилја и слобода на оној кој се љуби. Ваквата „браткса“ љубов е лицеменрна, затоа што го прави сосема спротивното – заробува, ги поктршува крилјата, го убива најсветото нешто кај секој македонец, а тоа е чувството за националната припадност.

Почитувани, постојат злодела кои времето не смее да ги покрие. Бившата ФНРЈ, а потоа СФРЈ ги прости репарациите кои требаше да ги плаќа Бугарија за зулумите направени во Македонија, зулуми направени врз нас македонците. Ќе кажам само еден пример на таков зулум.

Во 1943 година, таткото на двајца партизани во гевгелискиот регион, кој си ги штитеше сопствените деца, беше соблечен угол-гол, среде зима, ставен во буре наполнето со снег и пуштен да се тркала по брдото надолу. Е, тоа е нешто што не можеме да ви го заборавиме вам бугарите, и сѐ додека ќе имате негаторски став кон нас македонците, само ќе ја подигнете одбојноста да бидете почитувани и прифатени како вистински братски народ. Да појаснам, кога говорам за братски народ, говорам за славјанскиот јазик како заеднички именител.

И се разбира, и за време на Втората светска војна, секако дека има многумина од бугарскиот народ кои биле во движењето на отпорот, кои се бореле против фашистичките тенденции на бугарската држава. Но, за жал, тие биле малкумина и со нив сме соработувале во заедничката анти-фашистичка борба.

Но, не смее да се крие вистината за неславното минато на Бугарија, која продолжува во тој дух со своите сегашни постапки – мешање во суверенитетот на една држава.

Предлагам, Владата на РМ да ја преиспита можноста  Бугарија биде тужена на меѓународен суд и да бара отштета за злоделата направени за време на нивната окупација во Република Македонија за време на Втората Светска војна.

Ако сите членки на оската кои доброволно пристапија во сојуз, а меѓу нив и Бугарија, ги платија воените репарации, не гледам причина Бугарија да биде рехабилитирана. Тие посегнале по нашето, но ние македонците треба да си го бараме своето.

На крајот сакам да упатам една порака да бугарите во Бугарија и сите тие што се чувствуваат како бугари, а живеат во Македонија.

Оставете нѐ на мира нас македонците. Ако можете да помогнете ќе ви бидеме благодарни, ама не го узурпирајте исконското право на самоопределба. Ние ќе си продолжиме по нашиот пат, со вас или без вас ќе бидеме дел од европското семејство, само прашање е како ќе се гледаме, како пријатели или непријатели.

Запомнете, нема цена која нема да ја платам за мојата посебност, јазик, култура и традиција.

Вам ви останува да одлучите, ова е мојот личен  став.

Tрифун Костовски

Back to top button
Close