МТСП: Онлајн обуките за воспитувачи придонесуваат во подигнувањето на квалитететот на предучилишното образование

Како дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, Министерството за труд и социјална политика почна со реализацијата на серија онлајн работилници наменети за зајакнување на компетенциите на практичарите во системот на предучилишно образование.

-Целата на овие обуки, кои во овој период, заради препораките и протоколите за заштита од Ковид-19 се одржуваат по електронски пат, е да им се пренесат нови знаења и вештини на избрани воспитувачи од предучилишни установи ширум земјата кои понатаму ќе ги пренесат овие стекнати знаења на своите колеги, со што ќе се зајакне нивниот професионален развој, а со тоа ќе се овозможи натамошно подобрување на квалитетот на предучилишното образование во земјата, вели Елизабета Куновска од Министерството за труд и социјална политика, менаџер на Проектот за подобрување на социјалните услуги.

Работилниците се дизајнирани според најдобрите светски практики и истражувања во областа на развојот на малите деца кои се базираат на невроедукација, учење преку игра и учење засновано на решавање на проблеми. Во нивната реализација е вклучена проф. д-р Реберка Гренџер-Елис од универзитетите Џон Хопкинс и Њу Орлеанс во САД. Таа, како што велат од МТСП, е еден од водечките светски експерти во областа на социо-емоционалниот развој на децата, со повеќегодишно искуство во реализација на програми кои се базирани на научни истражувања за деца во предучилишно и основно образование, вклучувајќи и надарени и деца со потешкотии во учењето и развојот.

До крајот на оваа и почетокот на идната година планирано е да се одржат вкупно шест вакви онлајн работилници. Инаку, тие се дел од втората компонента од Проектот за подобрување на социјалните услуги што се реализира со поддршка на Светска банка, а го спроведува Министерството за труд и социјална политика во рамки на сеопфатната реформа на системот на социјални услуги и на предучилишно образование во земјата.

Back to top button
Close