Комората на извршители препорача времено деблокирање на сметките на граѓаните кои оствариле право на помош од 6.000 денари
Комората на извршители вчера издаде препорака до своите членови да вршат времено деблокирање на сметките на оние граѓани кои го оствариле правото на помош од 6.000 денари од четвртиот пакет економски мерки за справување со последиците од Ковид-19, а после подигнување на износот, да се спроведе повторно блокирање на сметката.
На Комората на извршители и е познато дека се јавуваат проблеми со неможноста за подигнување на паричниот износ од 6.000 денари од четвртиот пакет економски мерки, бидејќи на дел од граѓаните им се веќе блокирани сметките. Според наши сознанија трансакциските сметки на граѓаните покрај од страна на извршителите се блокирани и од други правни субјекти кои за тоа се овластени по закон. Некои банки за вакви случаи отвораат по службена должност наменски сметки врз кои што не влијае блокадата на редовната трнаксакциска сметка а заради исплата на помошта, додека други банки за жал не отвораат наменски сметки за граѓаните, велат од Комората.
Препораката, како што посочуваат, ја дале бидејќи нема решение како да се подигнат парите од блокираните сметки во оние банки каде не се отвора наменска сметка.
-Таквата препорака од Комората до своите членови се однесува само на постапки кои се водат според Законот за извршување. Исто така Комората им препорача на своите членови да евентуално наплатени средства од должници приматели на ваква помош од страна на извршителите, истиот износ да им биде вратен со приложување на соодветен доказ од страна на должникот до извршителот, појаснуваат од Комората.
Со ваквото предложено решение, додаваат, постои можност должникот да подигне од сметката и пари кои се вон државната помош, но друго решение нема.
-Се надеваме дека граѓаните – доверители ќе имаат разбирање за ваквото постапување, потенцираат од Комората на извршители.