Година која ја изедоа скакулци

Уште еден фаслификат во насловите од моите колумни. Овој e позајмен од романот на мултиобразованиот Борислав Пекиќ. Што можевме да очекуваме од годината која содржеше две двојки и две нули. Неуспешна година. А башка на почетокот на годинатапланетава ја нападнаа скакулци, а потоа невидливиот вирус, со циркуско име. Нашите политички скакулци со развиени задни нозе као вистинските Салтатори, што им овозможува движење (напредок) со скокови и  антените со кои ги идентификуваат егзистенцијалните објекти, ја докрајчија годинава. За ова треба и аргументи. Еве ги.

Со САД почна и со Вашингтон заврши приемот на СРМ во НАТО со депонирање на инструментите за прием (март 2020). Со тоа робусно се зајакна јужното крило на Алијансата, поради геостратегијата.  Во Брисел се одржа единствено церемонијалното подигање на  знамето на нашата држава, покрај 29 деветите на останатите членки на Алијансата. Приемот требаше да донесе поголема стабилност на Западниот Балкан. Ние влеговме под безбедоносниот чадор. Со тоа Договорот од Преспа стана историски, а Ципрас и Заев, се споменуваа како идни лауерати на Нобеловата награда. Ние за цела година, не успеавме да испратиме  шеф при Мисијата на НАТО во Брисел. Натамошен коментар за бенефициите на нашето членство во НАТО не се потребни.

Цела 2020 година помина на глорификација на успесите на нашата надворешна политика. Не ми е само јасно зошто суперактивниот и успешниот МНР, Н. Димитров е унапреден, а воодено и сменет после корона изборите, а на негово место поставен нов МНР, инаку експерт за ЕУ интеграции. Ептен нелогично, но кванташки мотивирано. Укажував на можните судири, кои и се случија. Трендот ќе продолжи и ќе се интензивира, директно пропорционално со расчиствувањето на патот кон Брисел, кој поради тектонските пореметувања ( В. Британија по втор пат се одвоји од Континентот), а Западниот Балкан го одалечува  од Брисел. Веројатно нашите амбасадори од Виена и Берлин , јадејќи  home made сарми за празнициве, веќе испратиле депеша  со анализата на статијата на М. Мартенс, дописникот на ФАЦ од Виена. Оној пак од Виена можеби и во кафето “Ландтман” и пиел виенски меланш и добил директна иформација од познатиот новинар за идното проширување со државите од Западен Балкан, ама поради содржината, не се осудил да ја проследи до корисниците.

Во годината во кои немавме успеси на внатрешен план, се гордевме со  Преспа, која не успеа на меѓународен план. Заборавивме дека на почетокот на 2018 го ратификуваме   договорот со Бугарија. Намето да си ги одработуваме “македонцките работи” (К. Мисирков) и подетално го

анализиравме она што потпишавме со Бугарите, премиерот Заев, а посебно МНР Димитров, кај што ќе стигне се гушкаше со хубавата Блгарка Шеќерова, така што едно време бев загрижен за неа. Премиерот Заев пак паѓаше во прегртки со носителот на црниот појас во последно преме познат како премиер на Бугарија, Б. Борисов. Мислеа  дека тоа е доволно за пријателство и братство. Заборавивме дека во Скопје цел мандат како амбасадор помина сегашниот европратеник А.Јорданов, првиот претседател на Народното Собрание на посткомунистичка Блгарија. Комисијата формирана на основа на Договорот, се заканува да ни направи make-up на нашата историја. Со комисија за историја  стрепиме да не останеме без историја.

 

Минатата година е година  на нашите дипломатски неукости. Повеќето веќе беа анализирани со верификувани резултати. Не е трагично што немаме дата за преговори и така не сме подготвени. Проблемот е што самите правиме грешки на патот кон Брисел. Импресионира несинхорнизацијата на односите на премиерот и претседателот на државата со нашата Мисија при ЕУ и  нашето МНР. Претседателот Пендаровски лаички ни објасни начин на кој е отфрлен предлог за членство на СРМ во ЕЕЗ (да не биде забуна Европска Економска Зона, а не простор). Заборави дека тоа го направи и Ердоган, но ние не сме Турција. Истовремено премиерот Заев на една ТВ станица, изјавува дека СРМ не може да и парира на Бугарија, бидејки таа е членка на ЕУ, а ние не сме, никој не не прашува и сл. При тоа заборава дека СРМ во Брисел има билатерален амбасадор  и амбасадор при Мисијата  при  ЕУ, а наскоро ако даде Господ и шеф на Мисија  при НАТО. Дипломатите се таму нешто и да дознаат и да лобираат.  Не е проблем што бриселска администрација (каде воопшто немаме никакво влијание) има свои грижи. Не е проблем што некои  членки се само прокламативно  за проширување на ЕУ. Држава на која  ги фрливме сите наши карти за очекувањата за  време на незиното претседателство, конечно премиерот Заев да помине низ Триумфалната капија (нашава), има своја долгорочна стратегија околу проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан. Берлин, е секако подржувач на познатата Солунска агенда. Но, веќе речиси дваесет години, спроведуваат стратегија на демократска-социјална-економска  избалансираност на државите на З. Балкан, вклучувајќи го и Косово, па потоа да влезат во ЕУ. Наведените држави, никако да ја постигнат потребната избалансираност. Избалансирани  се само  во стагнацијата, што канцеларката Меркел, колку и да се залага,  францускиот премиер Макрон , нема да дозволи. Москва гледа сеир, а гасоводот пристигна во Србија и преку Бугарија.

Не е проблем што некои членки на ЕУ, ни прават дополнителни (за премиерот Заев неочекувани) пречки на патот кон Брисел. Проблемот е нашето дипломатско неснаоѓање и волунтуризам. Последен поучен пример е сценариото, кастингот и режијата на нашата позиција спрема очекуваното однесување на соседната ни држава. Посебно, доколку не  ја исклучуваме можноста дека Софија имала соработка и со некој  продуцент од поразвиена дипломатско-филмска продукција.

После  нашиот  Божиќ  почнува наша нова дипломатска иницијатива, добро проанализирана, како всушност и иницијативата на МНР Османи за најавената трилатерална соработка меѓу СРМ, Бугарија и Албанија, со кодно име “Иницијатива 8”, подржана секако и од првиот вице премиер Груби.  Софија треба да одговори  на нашиот нон папер, изваден од џепот на олеснувачот В. Бучковски, кој ќе го придружува (зошто?)  Б. Османи, при најавената посета на Софија. Тогаш Португал ќе председава со ЕУ. Вице премиерот за ЕУ, Н. Димитров, во Лисабон нема да пропушти прилика да го потсети премиерот Коста, за приоритетите при тоа да ја нагласи и натамошната заинтересираност на  Германија, процес  за проширување да продолжи.

И во 2020 година не се снаоѓаме во дипломатски лавиринти на Ист Ривер и во главните квартири на ЕУ и НАТО во Брисел. Без тоа нема напредок.  Спонзорства на кои се ослонуваме, се повеќе желба за нивна афирмација или  дипломатско доминирање. Ние час се колнеме во нивната помош, час протестираме дека ни се прави неправда. Наместо да ја јакнеме нашата позиција како современа држава. На големите сили, кои навидум  не се директно инволвирани во нашите надворешни надмудрувања, не им посветуваме доволно внимание, до мерка да можеме да  бидеме уште помаргинализирани во нивните планови, посебно економски, а со тоа и политички.

Конфузната домашна политичка ситуација ни го комплицира и рејтингот на меѓународен план. Грешките се трислојни. Позицијата постојано ја потсетува опозицијата на катаклизмата која оставила со дванаесетгодишното владеење, а истовремено ниту еден судски процес не е окончан, односно повеќе има бегалци од правдата, отколку осудени. Опозицијата (ВМРО) беспотребно и дава ветар во грб на позицијата (СДСМ), оспоравајки било каков успех. Тоа бадијала го прави. Успех и онака нема, а ветувањата им се нереални. Усмерени се на компромитација на сегашната влада, а посебно на лидерите, со цел да се дојде што поскоро на власт. Ниту една од водечките партии нема партиска идеологија. Единствена идеологија е опстојување или добивање на власта. Албанските партии во сите варијанти профитираат. Се им иде во прилог. Останатите  помали партии во Парламентот немаат никакво влијание. Тие барајќи наклонетост од идните сајбији, го губат политичкиот идентитет.

Парламетот не е општественото огледало, туку грдата слика на парламентаризмот. Настапите на премиерот и претседателот во нашето Собрание (немаме Парламент) имаат исклучиво партиско обележје. Спикерот е  чувар на партиските коалициони доминации во храмот на демократијата со субвенционирани угостителски услуги, а  погрешно толкуваниот имунитет, им овозможува и збогатување, покрај останатото, и на уличниот вокабулар. Вакво Собрание е идеално место за пресметка, понекогаш и крвава. Телевизијските преноси од седниците на Собранието, се ретки сопствени продукцији на националната телевизија. Жанрот не би можел да го дефинирам.

Ѓорѓи  Мисајловски

Back to top button
Close