Quo vadis Курбиново

Долгата дијагностичка агонија низ која црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново помина во текот на изминатите години и разгорените сентименти кои се создадоа како резултат на неразбирливото одолговлекување на конзерваторско-реставраторскиот проект за нејзина културна “ресоцијализација”, генерираа огромен интерес за споменикот и за неговата деликатна состојба. Оттука, со позитивни реакции беше прифатена веста за брзата зимска акција која во Курбиново започна откако јавноста реагираше на индолентноста на македонските културни авторитети и на нивниот зачудувачки ноншалантен однос кон овој монумент со исклучителни ликовни карактеристики, универзални визуелни квалитети и несомнено историско значење. Во таа смисла, иницијативата за негово придружување кон екстензивниот список на UNESCO-вите локалитети со неповторливи вредности за човештвото изгледа избрзана, но со оглед на долготрајните процедури низ кои поминуваат кандидатурите за “членство”, стратешките планови на Министерството за култура (ако постојат) може да генерираат и соодветен успех во тој контекст. Сепак, кога ќе се погледне образложението поднесено од, цитирам: Permanent Delegation of the Republic of North Macedonia, поставено на тентативниот список на официјалниот веб на UNESCO на 27. 11. 2020 година, се добива сосема поинаков впечаток за сериозноста на целиот процес, на кој единствено ироничната насмевка на луцидниот викиншки лик Floki би била соодветна реакција. Имено, настрана од немањето концептуална рамка и адекватен методолошки приод кон истакнувањето на автентичните вредности и универзалните одлики на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, авторот на образложението (кое на Курбиново треба да му обезбеди влез на УНЕСКО-вата листа) покажува непознавање на базичните параметри по кој овој споменик е познат, признат и препознатлив како уметничка творба, локалитет со културни вредности и објект на историското наследство. Иако анализата на образложението на овој “авторитет“ би можела да добие формат на есеј од дваесеттина страници со сардонични импликации од Раблеовски карактер, во оваа прилика ќе ги посочам единствено очигледните лапсуси, кој би ги забележал секој што би ја посетил официјалната страница на УНЕСКО.
Во претставувањето на црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново, авторитетот користи терминолошки упатници од Wikipedia, наместо од референтните периодични изданија кои се достапни online десетина години наназад, со нивна примена кон историските личности, архитектонските аспекти на градбата и сликаната програма, па чесната трпеза ја нарекува “Honorary table” по принципот хау јес ноу, ја претставува како фреска и ја сместува во северниот дел на олтарот. Во олтарната апсида, исто така, ја сместува композицијата Благовести, бидејќи не знае што е олтарна апсида и не може да ја препознае сцената којашто ја наведува, претставите на Христос и на свети Ѓорѓи, во неможност да најде соодветна иконографско-стилска солуција, ги прогласува за интересни, а техничките квалитети на фреските, цитирам: provide an outstanding example of Byzantine painting in South-Eastern Europe of Byzantine painting in South-Eastern Europe (два пати ја спомнува византиската уметност и Југоисточна Европа во образложение што е пишувано за официјалниот сајт на УНЕСКО, што и за лудиот Флоки би било премногу). Понатаму, авторитетот посочува дека во Курбиново се појавуваат иконографски решенија кои антиципираат елементи на поствизантиската уметност, тврдење кое не може да се поткрепи со ништо од досегашниот арсенал на сознанија за визуелните одлики на сликаната програма во храмот, а ликовите на светите Кирил и Методиј ги сместува во олтарот на црквата, во која, очигледно, никогаш не стапнал (бидејќи секој посетител на Курбиново може да види дека тие не се таму). Уште еднаш, веројатно за подобро да се запамети, ја позиционира сцената на Благовестите во олтарната апсида (истите податоци ги повторува по неколку пати, а ги игнорира информациите кои се важни за програмско-иконографската костелација на живописот, како и автентичниот придонес на курбиновското сликарство кон византиската ликовна ризница), го прогласува Курбиновскиот мајстор за локалец кој работел по директива на зограф од Цариград, иако Курбиновскиот мајстор и е добро познат на научната јавност, и во својот конфузен, хаотичен и целосно некохерентен приод кон образложението, го прогласува курбиновското сликарство за маниризам, со што ја дерогира, деструира и деградира авангардната премиса на еден ликовен ансамбл којашто, всушност, е неговата најзначајна димензија (бидејќи Курбиново е најантиманиристичкиот ликовен ансамбл на 12 столетие). За финиш, авторитетот ги споредува курбиновските фрески со сликарството во споменици кои немаат никакви стилски корелации со преспанскиот храм, по принципот: ќе ги набројам сите цркви од 12 век, па некоја може и ќе се погоди, a, веројатно, за да звучи поубедливо, со Курбиново ги доведува во врска и спомениците од Русија, Венеција, Синај и Палермо (за среќа Ирска, Шкотска, Гондор и Мордор не се споменати). За втор финиш – Курбиново го прогласува за седиште на митрополит, кој, се разбира не постои, инаку би се превртувал во својот гроб макар и да е спален при погребот.
Зошто авторитетот напишал бурлеска од образложение, зошто некој дозволил тоа да се случи, како е возможно никој да не го проверил текстот кој е испратен на официјалните веб координати на УНЕСКО, зошто се користени непроверени и погрешни податоци, зошто образложението го пишувала личност која не може да одговори на сериозниот предизвик да состави текст што ќе биде вешто конципиран, кохерентно дизајниран, убедливо конструиран и, пред се, професионално профилиран за истакнување на програмските, иконографски, стилско-ликовни и естетски одлики на сликарството во Курбиновскиот храм, која е причината за несериозниот однос кон еден монумент кој одамна заслужил да биде на УНЕСКО-вата листа, се прашања на кои ќе одговори историјата………………………… ако во меѓувреме не ја укинат.
Проф. д-р Елизабета Димитрова
Филозофски факултет Скопје






