Стопанска комора: Трите хидроелектрани на Маркова Река воопшто не се дел од ГОИЕ

Групацијата за обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Стопанската комора информира дека трите хидроелектрани на Маркова Река воопшто не се дел од Групацијата, во реакција на објавите на здружението Еко-свест во врска со затрупувањето на Маркова Река како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, и бара надлежните институции да го истражат случајот во целост

-Групацијата за обновливи извори на енергија најстрого ја осудува секоја злоупотреба на животната средина и нарушувањето на биодиверзитетот во и околу реките и како Групација се залагаме за одржливо искористување на ресурсите, за реализација на проекти за заштита на животната средина и за свет без емисија на јаглероден диоксид и метан, велат од Групацијата.

Малите хидроелектрани, додаваат, ги користат природните водни ресурси, произведуваат чиста енергија без аерозагадување и имаат минимално влијание на природната околина само при градбата.

-Ние како Групација при Комората ги почитуваме одговорните градежни практики и работиме целосно согласно Законот и домашните регулативи, но го следиме и строгото европско и светско законодавство за заштита на животната средина со цел да се обезбеди нивна одржливост. Како Групација, неприкосновено се залагаме за доследно почитување на законите и регулативите, како и за нивно унапредување, но и понатаму продолжуваме да бидеме партнер на државата. Оттука, бараме надлежните институции да го истражат случајот во целост, со цел јавноста да не се доведува во заблуда и да ги препознае напорите на ГОИЕ за унапредување на животната средина, како и за вложување во проекти за општествена одговорност, за доброто на државата и за иднината на нашите деца, за свет без емисија на јаглероден диоксид и на метан, порачуваат од Групацијата.

Нагласуваат дека остануваат отворени за поддршка и секаков дијалог со институциите за имплементација и креирање на политиките во областа на енергетиката и заштита на речните корита, како и за соработка со невладиниот сектор за пресретнување на потенцијалните проблеми и заедничко поттикнување активности и проекти за заштита и унапредување на животната средина.

Back to top button
Close