Народ од Амазонија можеби го има клучот за справување со деменцијата

Еден народ од Амазонија, чиј волумен на мозокот на луѓето се намалува за 70 отсто побавно отколку кај Европејците, може да биде клуч за спречување деменција.

Истражувачите велат дека здравата исхрана и активниот начин на живот што го практикува племето Цимане може да ја објасни оваа разлика, пренесува „Стади фајндс“.

Атрофија на мозокот или губењето мозочни клетки е симптом поврзан со Алцхајмеровата болест и деменцијата. Иако скенирање на мозокот покажува дека домородните жители од Цимане во боливиска Амазонија имаат слично ниво на воспаление на мозокот – симптом за кој се смета дека е знак на ментален пад, како и кај другите луѓе, нивниот мозок останува здрав. Истражувачите кои стојат зад откритието веруваат дека, иако Циманците немаат пристап до современата медицина, нивната исхрана и начин на живот се нивната предност.

Народот Цимане е исклучително физички активен и, јадат храна богата со растителни влакна, како зеленчук, риба и помали количини месо. Претходни истражувања, исто така, покажаа дека луѓето во племето имаат многу низок ризик од срцеви заболувања во споредба со Европејците.

Д -р Хилард Каплан, професор по здравствена економија и антропологија на Универзитетот „Чепмен“, кој ги проучува Циманците скоро две десетлетија, вели дека „нашиот седентарен начин на живот и храната богата со шеќери и масти“ забрзуваат губењето на мозочното ткиво со возраста и нѐ прават поранливи на Алцхајмеровата и слични болест.

– Цимане може да послужи како основа за здраво стареење на мозокот. Ова истражување покажува дека Цимане се истакнува не само по здравјето на срцето, туку и по здравјето на мозокот. Наодите нудат многу можности за интервенции за подобрување на здравјето на мозокот, смета тој.

Истражувачите го скенирале мозокот на 746 возрасни Циманци на возраст од 40 до 94 години.

– Народот Цимане ни обезбедува неверојатен природен експеримент за потенцијално штетните влијанија на модерниот начин на живот врз нашето здравје. Овие наоди посочуваат дека мозочната атрофија може значително да се одложи со истите фактори на начин на живот поврзани со многу ниската опасност од срцеви заболувања, објасни д-р Андреј Иримија, истражувач од Универзитетот на Јужна Калифорнија.

Жителите на Цимане го привлекоа вниманието на научниците кога едно претходно истражување покажа дека тие имаат исклучително здрави срца во староста. Овој научен труд, објавен во „Лансет“ во 2017 година, покажува дека овие луѓе имаат воопшто најниска преваленција на коронарна атеросклероза и имаат малку фактори на опасност од кардиоваскуларни заболувања. Многу ниската стапка на срцеви заболувања кај приближно 16.000 Циманци е многу веројатно поврзана со нивниот начин на живот без индустрија за храна, но со лов, риболов и земјоделство.

Back to top button
Close