Кога властите го доведуваат наследството во опасност
Во јануари 2012-та година, непосредно по изложбата на документарна фотографија организирана од ЗГ-Центар за културно наследство (од проектот Мoниторинг на културното наследство и неговиот мултиетнички карактер, финансиран од ФООМ), се случи пожар во манастирот Трескавец. Пожарот ја врами морничавата слика од изложбата и покажа на дело негрижа, политичка и стручна неодговорност, системски аномалии, но најмногу отуѓеност од културното наследство. По тој повод го објавив текстот “Културно наследство во опасност” наведувајќи бројни примери кои укажуваат дека целото културно наследство е во опасност. Изложбата и текстовите кои следеа беа своевиден апел до владата и надлежните институции за потреба од квалитативна промена на односот кон културното наследство. Но,залудно!

Веќе триесет години наша ”природна” средина станаа руините, призраците на некогашната структура на државноста – запуштени и руинирани јавни објекти, изградени во претходниот систем во кој се поставени темелите на нашата државност. Додека толку гласно го бранат идентитетот, всушност го заборавија неговото вистинско значење кое се наоѓа токму во запуштеното културното наследство. Темелите на државноста ги напуштивме заедно со “стариот режим“ на начин и со средства кои претставуваат преседан во современата историја.Стекнатата самостојност и сувереност на државата во 1991-ва година, требаше да обезбеди јакнење на државотворноста изразена во силни институции и образовани самосвесни граѓани, во новиот демократски амбиент. Сувереноста требаше да обезбеди континуитет на државноста ослободен од идеологија, без да се рушат институциите – столбовите на државата. Затоа што без 1944-та, ја немаме ниту 1991-та година! Институциите треба да ги чуваме и надградуваме, бидејки опасноста од вонинституционалното делување ја поткопува државата со парцијални интереси. Структурата на државата се нејзините институции, а базата е културата во нејзиното најшироко значење. Тие се взаемно поврзани и неразделни како причина и последица.
Прво е култура која е причина а институците се последица и огледало на културата, која со институциите добива заштита. За ова може многу да се говори и да се илуструра со бројни примери,но нема подобар (или полош ?) пример од НУБ ”Св.Климент Охридски “.
Оваа институција е основана во 1944-та година и претставува една од најмладите институции од ваков вид на просторот на поранешна СФРЈ. Во време кога е формирана нашата библиотека, во другите држави веќе постоеле народни блиотеки чии почетоци датираат од седмунаесеттиот (Хрватска), осумнаесеттиот (Словенија) и деветнаесеттиот век (Србија).
Но, кратката историја не е хендикеп. Вистински хендикеп е односот на властите по вертикала, кои целосно го промашуваат капиталното значење на оваа институција. Особено нивото на политичка култура на генерацијата на “државници“ од 1991-ва до денес кои државниот интерс го заменуваат со партиски. Состојбата на националната и универзитетска библиотека укажува на крајно негативен процес, во кој најважната племенита и насушна образовна потреба ја заменуваат со неверојатно скапи сурогати и фалсификати. Потрошија милиони евра на стиропор и лажен барок, а ја заборавија библиотеката. И додека носеа одлуки за имитацијата на луксуз во конвертираниот простор на модернистичката зграда на владата, не ни помислија дека треба да ја санираат библиотеката која произведува и нуди обрзование за сите стуктури во општеството, вклучително и за нив, кои во својата полуписменост, лишени од реторски способности и етика, плукаат едни на други. Тој недостаток отвора многу прашања…но ако се задржиме само на едно, најважното, а тоа е културата и државноста, ке осознаеме дека кога нема културен продукт нема ниту државност.Затоа што не е возможно да се негува или одгледува негативното, тоа е просто слободен пад! Колкаво е значењето на оваа институција говори целото светско културно наследство и државите кои се темелат на него. Писменоста, пишаниот збор, изразот на духот, создава цивилизација – цветот на културите и ако државата не го заштитува го руши темелот на кој е градена, ја сече гранката на која почива.
Прочуената александриска библиотека со векови била наставничка на медитеранските цивилизации, а нејзиниот недостаток се чувствува до денес.Таква поука треба да се извлече од историските известија кои ја величаат и жалат за изгубеното.
Нашата библиотека, иако релативно млада, содржи солиден фонд на пишани дела од сите области. Особено значајниот фонд на стари црковно-словенски ракописи. Токму тие дела говорат за нас и не’ претставуваат како една од лулките на писменоста. Но, библиотеката ја губи својата изворна дејност без читалните за студентите и научните работници! Без нив,без младите кои впиваат и учат од тоа наследено книжевно творештво, библиотеката престанува да функционира динамично и се сведува на депо со пајажина. Неупотребената, непрочитана книга нема културно дејство во иднината и останува минато, останува во депо како заробен дух. Затоа е потребна држава која ќе го заштити и чува јавниот интерес – културата. А отсуството на студентите во библиотеката и уништениот инвентар,говорат дека државата целосно потфрли на овој план.Живиот контакт со книгата, со тактилноста, мирисот на пергаментот и хартијата, декоративните иницијали, илуминираните стари ракописи, записите на маргините, ја дополнуваат и збогатуваат самата содржина. Пренесуваат знаење и отвораат бројни нови светогледи. Содржат информации не само за авторите кои ја пишувале книгата, туку и за духот на времето во кое е пишувана. Но и за тие кои ја читале пред нас.Тоа не може да се доживее преку читање во електронска, дигитална форма, заради карактерот на медиумот во кој не може да има индивидуана, лична нота. Електронската форма е значајна алатка, но сепак само алатка која сите ја користиме. Но, печатената верзија поседува вредности кои се неспоредливи. Во библиотеката се чуваат многу други видови на ракописи, карти, мапи, списанија, дневни весници…Затоа државата е обврзна да ги чува овие вреднсоти како трезор, ризница на скапоцености. А кога велиме државата, мислиме на институциите, на Министерството за култура и Министерството за образование и наука.
Одговорноста на властите за овој објект е огромна и не може да се премости со смена на директор и прогласување на книжниот фонд за културно наследство во опасност.Затоа што нема друг виновник освен државата за лошата состојба на библиотеката која низ денеции со своето непостапување ја доведува во руинирана состојба и дисфункција. Сега, истата држава во лицето на министерката за култура, ја прогласува во опасност! Како да библиотеката пострадала од елементарна непогода а не од несовесни политичари! И наместо состојбата на НУБ да биде приориотетна точка на седница на владата и предмет на надзорна расправа на Собраниската комисија за култура, министерката упатува апели за донации. Не се гради така државноста а уште помалку се брани!
Парите за санација и обнова на зградата (која заради културното наследство кое го чува, по сила на закон има стасус на културно наследство),треба да бидат обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија.Од друга страна, трендот кој го промовира министерката за култура за прогласување на културно наследство во опасност, зборува лошо за самата држава и за неспособноста на институциите да ги заштитат вредностите кои и’ се дадени на чување. Имено, колку повеќе се зголемува бројот на културно наследство во опасност, толку повеќе се пројавува неспособноста на власта да ги оспособува институциите.
Донка Барџиева Трајковска






