Локални избори – „сламка за спас“ на партиите

Се разбира дека предизборната кампања за локалните избори е во полн ек, многу недели пред нејзиниот официјален, законски почеток. Во тоа учествуваат сите партии од опозицијата и власта, како и независните кандидати, што атмосферата во јавноста ја прави изборно наелектризирана по веќе видените теркови на општо напаѓање на секој против секого, често и на теми кои немаат врска со локалниот живот на населението. На тоа веќе одамна навикнавме.

Но, она што е ново за овие локални избори се предизборните меѓуетнички коалиции, катастрофално малиот број на жени-кандидати за градоначалничките (а и за советничките) функции и релативно поголемиот број на независни советнички листи и градоначалнички кандидати, поддржани и неподдржани од поголемите партиски формации во земјава.

Овој микс од демократски прогрес и регрес говори за кризата на довербата кај јавноста кон постоечките, етаблирани партии, нивните понуди и самите општински и државни лидерства. На пример, бројот на лекари-кандидати на партиските листи (најголем број на мажи, притоа) е една илустрација за тоа „фаќање за (кандидатска) сламка“ кај партиите, бидејќи директно се апелира на емпатијата на гласачите и нивниот емотивен капацитет: лекарската професија веројатно е една од оние кои имаат најмалку врска со комуналните проблеми на локалните заедници, ДУП-овите и противпожарните единици по општините, а најмногу врска со „стравопочитта“ кон белите мантили во време на здравствена криза. (Друго прашање е што ги тера луѓето кои вложуваат десетина години во стекнувањето на својата лекарска експертиза, а потоа и уште многу години на нејзиното специјалистичко, практично усовршување, да се понудат да решаваат проблеми со катност на градби, паркинзи, јавен превоз, затнати канализации и павер-елементи?! Можеби феноменот на „градежни маркички“ да има некаква врска со тие амбиции…)

Во контекстот на таа партиска несигурност е и „поплавата“ од мажи по кандидатските листи, тоа „бегање“ кон маскулинистичкиот модел на нашата културна матрица, таа овдешна преференција за „постигања, хеоризам, наметнување и материјалните награди за успехот“ (Хофштеде), наспроти „женските“ принципи за „соработка, скромност, грижа за послабите и за квалитетот на животот“ (истиот тој Хофштеде).

Има врска тоа и со она што во социологијата се нарекува „општествена дистанца кон моќта“ и индивидуалистичкиот наспроти колективистичкиот дух на нацијата. Ја пропуштаме шансата со кандидатските листи на овие локални избори да се „мрднеме“ од тој наш балкански и јужноевропски менталитет – освен ако гласачите не решат директно да интервенираат на самите избори, па да ги изгласаат сите жени кандидирани за функциите! Којзнае

Колумната на Сашо Ордановски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close