Личност која била дел од хитлерова Германија не може воопшто да придонесе во пријателството помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, смета Ковачевски

Прашан дали по отворањето на клубот на Здружението „Иван Михајлов“ разговарал со бугарскиот премиер Петков, Ковачевски не даде конкретен одговор дали разговарале. Единствено кажа дека со премиерот на Република Бугарија разговараат на ниво на премиери, и оти само на такво ниво, со таков тон и начин на комуникација се водат разговорите помеѓу нив, кои како што додаде Ковачевски, соодветствуваат на функцијата премиери на држави

Коментирајќи го отворањето на клубот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола на кое присуствуваше и бугарската делегација, премиерот Димитар Ковачевски истакна оти тој настан претставува ништо повеќе од провокација, бидејќи како што рече, ги буди духовите од минатото затоа што се работи за личност која била соработник и на хитлерова Германија, и на Италија на Мусолини.

Со тоа, како што додаде премиерот, таа личност, мислејќи на Иван Михајлов, воопшто не може да придонесе како личност која што треба да биде мост за иднината на пријателство помеѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата.

„Јас имав многу јасна изјава дека со соседите треба да градиме мостови на пријателство, да гледаме кон индината, а доколку се навраќаме кон личности од минатото за кои што има различни мислења во различните држави тоа нема да биде во корист за никого и само ќе влијае на лоши односи помеѓу граѓаните и помеѓу двете држави“,

истакна премиерот Ковачевски, додавајќи дека ние сме држава која е определена за членство во Европската Унија и која што низ дијалог тоа планира да го направи.

Во однос на новинарското прашање дали целта на овој настан е насочена кон некревање на бугарското вето и неотпочнување на ЕУ-преговорите на земјава, премиерот Ковачевски истакна оти доколку решението не го водиме врз принципи на задржување на достоинството помеѓу двата народи и заемна почит помеѓу институциите и политичарите, тогаш, како што рече, е многу тешко да се дојде до разговор.

„Откако сум избран за премиер за Владата кажав дека решението треба да се базаира на ЕУ-вредностите, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на заемна почит, како помеѓу политичарите, така и помеѓу сите иснтитуции и во Бугарија и во Северна Македонија. Доколку решението и разговорите не ги водиме на тие принципи тогаш е многу тешко да се дојде до разговор. Јас се надевам дека постои простор да седнеме и на база на такви принципи да ги водиме во иднина разговорите со што би дошле до решение кое, повторувам, ќе биде засновано на европски вредности и задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и меѓусебна почит помеѓу граѓаните, институциите и политичарите“

нагласи премиерот Ковачевски.

Запрашан дали по настанот разговарал со бугарскиот премиер Петков, Ковачевски не даде конкретен одговор дали разговарале. Единствено кажа дека со премиерот на Република Бугарија разговараат на ниво на премиери, и оти само на такво ниво, со таков тон и начин на комуникација се водат разговорите помеѓу нив, кои како што додаде Ковачевски, соодветствуваат на двајца премиери на држави.

Во однос, пак, на тоа дали се планираат мерки во однос на името на здружението во Битола, премиерот посочи дека здружението е регистрано според законски прописи, а оти Владата ќе ги собере сите потребни информации, а за што јавноста ќе биде информирана наредната недела.

„Во однос на самото здружение кое што е регистрирано, тоа подлежи на регистрација врз основа на законските прописи во државата. Нормално, како Влада ќе ги собереме сите информации кои се потребни во однос на регистрација на здруженија на граѓани. Во однос на користењето на имињата веќе имаше и од правни експерти одередени изјави и кога ќе бидат собрани сите информации наредната недела ќе ве информирам за понатамошните чекори“,додаде Ковачевски.

Back to top button
Close