Мојот другар Дине Маљто

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар Костадин Малев од Гевгелија, со прекар Дине и додавката Маљто. Ќе прашате зошто?

Вообичаено во Гевгелија името Костадин се скратува во Дине, но во самиот град ги има многумина со тоа име па додавката Маљто е карактеристика и знак за аврентично препознавање на личноста на Дине.

Гимназиските денови во Гевгелија ги поминавме седејќи со него во иста клупа, споделувајќи домашни задачи, поткажувања и вообичаени нешта кои се случуваат на часовите меѓу гимназијалците. Секако, најинтересни ни беа момичките од класот и целата гимназија како најинспиративна тема. Имавме заеднички симпатии кон одредени наши соученички. Вообичаено низ целиот тек на годината додека престојував во Гевгелија, пеењето серенади за одбраните моми беа актуелна ,,шема”. Да појаснам, серенадите во Гевгелија се со долгогодишна традиција која се негува од кога паметам за себе. Вообичаено во доцните часови, независно дали е есен, зима или пролет, ние пеевме серенади под прозорците на нашите симпатии. Реакциите на семејствата кои нѐ слушаа беа различни. Ако некоја наша школска другарка не можеше да ни отвори врата, три пати ќе ја запалеше и изгасеше светилката давајќи ни знак. Но во случај да ѝ биде дозволено да отвори врата нѐ покануваше на трпеза со нејзините родители, кои вообичаено вадеа на маса тоа што ќе се затекнеше дома, залиено со домашни ракија и вино. Така домаќински пречекани пеевме, наздравувавме и уживавме. Многу ретки беа случаите кога домаќините не сакаа да нѐ пречекаат и угостат.

Во мојата меморија врежан е настан кој ќе го споделам со вас.

Во доцните часови на зимските вечери под прозорот на една наша заедничка симпатија, ја пеевме песната на тогаш популарниот Драган Стојниќ, „Била је тако лепа„. Продолжувавме и со песни кои се автентични за серенади од гевгелискиот крај, како староградски милозвучни песни. Но, немаше никаков знак од домаќините. Одеднаш се отвори вратата од балконот на првиот кат и истиот момент бевме полеани со ладна вода. Првата реакција на мојот другар Дине беше „ Еваа не намукрија, беги да бегме”! Нашето гевгелиско другарување со гитарите, најчесто беше преку ден и за викендите на брегот од реката Вардар до Вардарски рид. Ридовите ечеа од песни и смеа, на радоста ѝ немаше крај…

Мојот другар Дине по завршувањето на гимназијата замина во Белград да студира ветерина. Беше солиден студент, го заврши факултетот и се врати во родната Гевгелија за целиот свој работен стаж да ја практикува војата професија. Беше еден од највидните ветеринари во бившата СФРЈ, бидејќи тој го контролираше граничниот премин Богородица, а познато е дека живата стока е сериозен предизвик за безбедна исхраната на луѓето.

Дине беше активен во студентскиоте протести во 1968 година каде беше член на организациониот комитет на студенти и неколку пати многу конкретно ми ги раскажувано настаните, кои во тие времиња беа битен фактор за стабилноста на тогашната СФРЈ.

Имав можност да разберам која била улогата на тогашниот претседател Тито во смирувањето на овие студентски протести. Ова се зборовите на мојот другар Дине: „ Немаше авторитет во тогашната држава која можеше да ги смири овие протести. Баравме да се појави претседателот Тито. На заедничкиот состанок на координационото тело составено од студенти и тогашниот претседател Тито, студентите ги добија сите свои барања, поставени како услов и протестот заврши”.

Ова е една кратка историја за местото и улогата на тогашната СФРЈ при решавањето на евидентни прашања како со студентите, кои во основа се носители на иднината на државата. Тито добро знаеше дека студентите се секогаш во право и не смее да бидат незадоволни, бидејќи образованието, барем за мене во тие времиња, беше столбот за иднината и развојот на сите земји членки во тогашната СФРЈ.

Денес Дине живее во Гевгелија, татко е на две ќерки и дедо на многу внучиња. На неодамнешната средба во Гевгелија со мојот другар Дине сфатив дека позитивната енергија со која зрачи е најсилната алка која го прави да биде многу посебен. Нема поубава комбинација за изграден човек кога во него е вграден еснафлукот од градската традиција на Гевгелија со неговите студии во Белград и харизма.

Дине, биди ни жив и здрав.

 

Трифун Костовски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close