Ќосето може да заврши во Горно Лисиче, СДСМ вели дека го бараат Левица и ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром
Советниците на СДСМ во Општина Аеродром велат дека вчера на седница на Советот, советничката група на Левица доставила иницијатива за поставување на споменикот на револуционерот Андон Лазов Јанев – Ќосето во паркот во Горно Лисиче, по барање и инсистирање на претседателот на советот, Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ.
„Општина Аеродром ќе поднесе иницијатива до Собранието на РСМ за поставување на споменикот на Ќосето на своја територија. По предлог на Левица, а со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ГРОМ, СПМ, Демократската партија на Србите во Македонија и Десница, Советот на општината на вчерашната седница ја усвои иницијавата со која овој споменик се бара да биде поставен на територијата на Аеродром“, појаснува денеска Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ во Општина Аеродром.
Тој додава дека членовите на Советот од СДСМ, ВМРО-НП и НСДП гласале против оваа иницијатива.
Споменикот на контроверзниот револуционер и егзекутор на историското ВМРО беше поставен пред Судската палата во центарот на Скопје во 2014 година, а подоцна беше отстранет во времето на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Пред неколку дена беше откриено дека градоначалничката Данела Арсовска минатиот месец испратила писмено барање до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка за враќање на споменикот на Ќосето на истата локација од која беше тргнат – пред судовите, спроти ТЦ „Мавровка“.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ѝ одговори на Арсовска дека барањето го доставила на погрешна адреса, односно дека треба согласност да добие од Собранието, кое е надлежно за Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја.
„Ќосето нема никаква врска со Општина Центар, ниту пак е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво“, пишува во одговорот на Герасимовски до Арсовска.