Колку пластичните визири штитат од коронавирус?
Дали заштитните пластични визири помагаат против ширењето на коронавирусот исто колку и вообичаените заштитни маски? Актуелните искуства од Швајцарија допуштаат само еден одговор.
При најновиот скок на бројот на новоинфицирани во површински најголемиот кантон во Швајцарија, посебно паѓа во очи дека се заразиле и лица кои носеле визири, соопшти Здравствената служба на кантонот Граубинден. Анализа на случаите и патиштата на зараза покажала дека првенствено во гастрономијата широко распространетите визири нуделе недоволна заштита од инфекција. Тие нудат лажно чувство на сигурност, објаснува кантонскиот лекар Марина Јамницки. Оттаму, оценката на здравствената служба е кратка и јасна: таа е против употреба на пластични визири како заштита против коронавирус. Здравствената служба им препорачува на претпријатијата чии вработени досега користеа визири, преработка на нивниот концепт за инфективна заштита. Доколку не е можно одржување на пропишаната физичка дистанца од 1,5 метри, се препорачува користење на заштитна маска. Предупредувањето издадено од кантонот кој граничи со Италија и Австрија отвора сериозни дилеми околу стратегијата на повторно отворање на ресторани, хотели и други фирми во Европа зависни од туризмот.
Спор околу делотворноста
Заштитниот ефект против коронавирус на визирите е спорен, нивната докажаност и натаму е „тенка”. Во Германија визирите се дозволени во повеќе сојузни покраини, делумно под одредени услови, како во Долна Саксонија, Рајнланд Пфалц и Хесен, меѓу другото и под притисок на претпријатијата заради олеснувања за своите вработени. Познатиот германски виролог Александер Кекуле визирите во својот подкаст ги оцени за „еднакво добри” како и платнените маски.
Германското сојузно министерство пак во овој контекст упатува на Институтот Роберт Кох, а оттаму препорачуваат носење заштитна маска која ги покрива устата и носот. Визирите не се сметаат за еднакво делотворна алтернатива. Пластичните штитници по правило можат да ги задржат само ситните капки кои паѓаат директно на нивната површина, објаснуваат од Институтот. Текстилната заштита маска, доколку е правилно поставена, може напротив да го задржи и страничното ширење капки при издишувањето.
И германскиот Сојузен завод за работна заштита и трудова медицина одвратува од користење визири, поради нивната неадекватност во заштитата од аеросоли кои содржат евентуално инфективни честички. Тие можат непречено да стигнат во воздухот преку празнината меѓу лицето и визирот.
Заштита на другите ии самозаштита?
Во дебатата е нужна дистинкција меѓу заштита на останатите и сопствена заштита, истакнува вирологот Јоханес Кноблох, раководител на Одделението за болничка хигиена на Универзитетската клиника Хамбург-Епендорф. При самозаштитата, користењето визир има логика: „Визирот е идеален во сопственото штитење од класична капковна инфекција”, вели тој. Визирот служи како штит од ситните капки од плунката на лица од околината и ја заштитува и слузокожата на очите. Затоа во професионалната бранша заштитната маска постојано се надополнува со заштитни очила или визир. Но, кога станува збор за заштита на другите од инфекција, визирот не ѝ е „дораснат” на заштитната маска, истакнува Кноблох. Заштитната маска многу подобро може да ги спречи т.н. аеросоли, ситните честички исфрлени при издишувањето, кои делумно со часови лебдат во воздухот и притоа можат да предизвикаат инфекција, заклучува експертот.
извор: дв