Хоти: Меѓу Косово и Србија нема технички дијалог
Косовскиот премиер Авдулах Хоти нагласи денеска дека меѓу Косово и Србија не се одвива технички дијалог, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преку кратка објава на својата страница на Фејсбук, Хоти порача дека дијалогот со Белград е со единствена цел постигнување договор за меѓусебно признавање на двете држави.
– Нема технички дијалог. Има дијалог единствено за конечен договор за меѓусебно признавање и нормализација на односите меѓу двете земји, напиша Хоти.
Пораката на косовскиот премиер е реакција на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој по минатонеделната средба во Брисел рече дека српско – косовските преговори ќе продолжат на техничко ниво.
– Преговорите за исчезнатите и раселените ќе продолжат идната среда на техничко ниво, изјави Вучиќ, нагласувајќи дека првата средба со Хоти „воопшто не беше лесна“.
Преговорите со посредство на Европската унија за изнаоѓање конечно решение за споровите меѓу Косово и Србија се обновија минатиот четврток, на 16 јули, откако беа прекинати пред 20 месеци, во ноември 2018 година, кога тогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај воведе такса од 100 отсто на српскиот увоз. Во јуни годинава, набргу откако беше избран за нов премиер на Косово, Хоти ја укина таксата, со што се отстранија пречките за продолжување на преговорите.