ВИДЕО: Трагичен крај на свадба во Ирак-повеќе од 100 мртви во пожар

Во пожар на свадбена веселба во северозападен Ирак загинаа најмалку 100 луѓе, а повеќе од 150 се повредени. Од пожарот се урнал целосно објектот каде се одржувала прославата.

Пожарот избувнал во преполна голема сала во градот Ал-Хамданија во ирачката провинција Ниневија, како што јавија ирачките државни медиуми. Заменик-гувернерот на Ниневија, Хасан ал-Алак, соопштил дека според прелиминарниот биланс има 114 загинати и 150 повредени. Според телевизискиот канал Рудав, Ахмед Дубардани, заменик-шефот на регионалната здравствена управа, изјавил дека бројот на повредени е 500, а се тврди дека во салата имало до 1.000 луѓе.

Фотографиите од катастрофата покажуваат урната и изгорена сала во градот Ал-Хамданија, а на видеа на социјалните мрежи се гледа како запалени делови паѓаат од таванот. Гостите на свадбата скокаат од масите и се обидуваат да се засолнат на безбедно. Преживеаните на ирачката телевизија изјавиле дека невестата и младоженецот ја преживеале катастрофата.

Многу запаливи материјали и огномет, смртоносна мешавина?

Во соопштението на Цивилната одбрана се вели дека во салата за банкет биле користени евтини градежни материјали, „многу запаливи и без почитување на безбедносните стандарди“. Немало ниту задолжителен алармен систем. Делови од салата се урнале за неколку минути. Спасувачките екипи бараат преживеани под урнатините.

Нема официјални информации за причината за пожарот, но првичните информации укажуваат дека пожарот избувнал откако за време на прославата бил организиран огномет.

Ирачкиот премиер Мохамед ал-Судани им наредил на министерствата за внатрешни работи и за здравство да организираат секаква можна помош за погодените. Ирачките федерални власти и полуавтономниот регион Курдистан испратија амбулантни возила и медицински персонал на местото на катастрофата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close