Какво треба да биде новинарството – вистинито или неутрално

Со децении мантрата во журнализмот на овие простори (и југословенски и македонски) беше дека една новинарска сторија, па макар и помала информација, треба во основа да ги содржи обете страни за еден настан, а новинарот да биде како некаков неутрален пренесувач, па читателот нека си донесе свој заклучок. Ставовите беа оставани за коментарите.

Но времињата се менуваат, и луѓето во нив, па и новинарите. Ова не е истиот свет од 1998 година. Информациите пристигнуваат од различни извори, од обични луѓе, од социјалните мрежи; сѐ изгледа наизглед достапно во рок од пет-десет минути. Во таквиот моментум, кој трае и трае, улогата на новинарството драматично се промени. Тоа не е случајот само во Македонија, туку и во глобални размери. Но кај нас новинарите и уредниците како тоа да не го забележуваат. Зборуваме за генералната слика.

 

Двете најголеми партии дневно ја тормозат јавноста некогаш и со по десетина соопштенија. Едни изнесуваат едни обвинувања, други потоа ги негираат и исфрлаат свои напади. Тоа веќе е претворено во карикатурално информирање. На пример, во драгоценото време на дневниците на телевизиите можете да видите видео инсерти од прес-конференција на едната голема партија за некоја тема, што сама ја одбира, а потоа видео реакција на другата партија. И прилогот завршува. Партиите, оние побогатите и помоќните, прават свои видео пресови и потоа ги дистрибуираат до редакциите. И во основа креираат свои вести. Телевизиите пренесуваат по некое парче од нив. И просторот, по навика е пополнет. Партиите со мал труд и скромни ресурси и се претставуваат на голема публика целосно бесплатно. Интересно е што неколкуте весници што останаа, а и порталите со посериозно екипирани редакции, се многу порестриктривни кон оваа партиска пропаганда. Изгледа нелогично, но тоа е така и добро е што е така.

 

Вирусот на „болеста“ што ја контролира политиката

Може ли македонското новинарство да се ослободи од оваа „болест“ што ја зафати и по навика да се наслонува на неутралноста. Земете го последниот пример, за

 

наводните воздушни бакнежи кои вицепремиерот Бојан Маричиќ ѝ ги испратил на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска. Што видоа гледачите во телевизискиот пренос? Тоа беше гневната реакција на Стојаноска за нечии бакнежи на нечии кошули. Маричиќ тие наводи експресно ги демантираше. Во одбрана на Стојаноска зад наводниот сексизам на вицепремиерот застана нејзината пратеничка група. Потоа во одбрана на Маричиќ застана пратеничката група на СДСМ, тврдејќи дека Стојаноска сѐ измислила и дека бурата што избувна од неа била исценирана.

 

НовинарствоНовинарство

Никаде новинарството не е надвор од општествената стварност, па така и во МакедонијаФотографија: Mihajlo Maricic/PantherMedia/IMAGO/ Mihajlo Maricic

Ред руда, ред кокс, и новинарската сторија завршува. Бидејќи телевизиските камери не снимија дали Маричиќ бил навистина непристоен или не, бидејќи сосем веројатно немало ниеден новинар во галеријата (тие одамна ги избегнуваат седниците на Собранието, затоа што се претворија во бесмислена арена на постојани меѓусебни напади, со исти напишани говори, а ораторството и добро осмислените поенти исчезнаа, па дури и не се сеќаваме на тие времиња), тогаш е најдобро да се поставите во графата – неутрални. Кој има време да трага во вистинитоста – дали навистина имало скандал и непристојност, или не. И така, за ден-два партиските штабови ќе продуцираат нова афера и скандал, па новинарските екипи ќе ги истoпорат микрофоните пред некој политичар кој ќе зборува за едно, а потоа ривалот ќе ги отфрла тие наводи како бесмислици.

 

Никаде новинарството не е надвор од општествената стварност, па така и во Македонија. Така не е и во Америка, на пример. Овој месец, новинарското име од САД кое најмногу го знае македонската (па и европската јавност) – Кристијан Аманпур, одбележува 40 години откако се вработи во Си-Ен-Ен и чекор по чекор, со огромен труд и професионализам стекна планетарна слава. Има поголеми новинарски имиња во Америка од неа, од живите на врвот несомнено е Боб Вудворд (еден од двајцата новинари на „Вашингтон пост“ што го откри скандалот Вотергејт), а меѓу легендите на кои до ден-денес им се поклонуваат се починатите Волтер Липман, Волтер Кронкајт, Барбара Волтерс, Едвард Муроу.

 

Со години, па и со децении, Аманпур проповеда дека „новинарството треба да биде вистинито, а не неутрално“, а оваа мантра изгледа повитална денес од кога било. И поради заканите за демократијата во САД, и поради страшната војна во Украина. Приказната за нејзината кариера е тесно поврзана со кредото за современото новинарство. Родена во Лондон од татко Иранец и мајка Англичанка, по студиите во САД таа се нашла во просториите во Атланта на новата телевизиска мрежа чија цел била да емитува само вести – Си-Ен-Ен. Еве делови од нејзината приказна, делумно раскажана од неа.

 

Пред 40 години таа беше електронски графички оператор во локална филијала на Ен-Би-Си, одговорна за различните елементи што се појавуваат во етер за време на емитувањата. Кога пристигнала во Атланта за да разговара за место во Си-Ен-Ен со регрутер имала само 100 долари во џебот и еден куфер.

„Тогаш регрутерот ме погледна и рече: ‘Ох, има слободно место во одделот за надворешна политика. Ти си странец. Оди пополни го“, раскажа Аманпур пред да добие овации во редакцијата во Њујорк за време на прославата на 40-годишнината од нејзината извонредна кариера.

Иако работата на асистент во оддел беше „многу, многу на дното“ на тотемскиот столб (Аманпур рече дека „не можеш да добиеш ништо пониско и не може да те платат ништо помалку“), позицијата ѝ понуди шанса да излезе од техничката линија на новинарството и да допре до уредувачката страна на бизнисот. Оттаму, со многу напорна работа, таа напредуваше, стана сценарист, теренски продуцент, известувач и на крајот известувач од странство.

Тогаш таа беше распоредена да ја покрие војната во Заливот и доби добар дел од известувањето за време на емитувањето од Саудиска Арабија. Нејзината судбина беше многу испреплетена со Си-Ен-Ен – и во раните 1990-ти, и двајцата „експлодираа во меѓународната свест“ во исто време.

Денес, името Аманпур е синоним за храбро известување на терен и остри, а не кавгаџиски интервјуа, барајќи одговорност од најмоќните – и, во некои случаи, немилосрдните лидери во светот. Но најголемо влијание врз неа оставила војната во Босна.

„Тоа беше геноцид“, отворено зборува денес Аманпур, додавајќи дека покривањето на хуманитарната криза што се случи во земјата ја навело да го усвои нејзиниот заштитен знак „биди вистинит, а не неутрален“ како мото за новинарството.

„Бев сведок, заедно со моите колеги, кои беа агресорите“, објасни таа. „Немаше еквивалентност ниту фактички ниту морално. И не претставив никаква еквивалентност. Немаше ‘Едната страна, другата страна’. Во ситуации на грубо кршење на човековите права… не можете да бидете неутрални затоа што тогаш сте соучесник. Сето тоа ми дојде, и го дестилирав во: ‘Мораме да бидеме вистинити, а не неутрални’“, вели таа.

„И тоа се однесува на сè”, додава Аманпур. „Без разлика дали го покривате Доналд Трамп, дали ја покривате климатската криза, што и да покривате – апсолутно мора да бидете вистинити, што не значи необјективно. Објективно значи да ги покриваш сите страни. Тоа не значи да се дојдеш до ист суд за сите страни“.

 

Новинарството често потфрла

На многу јасен начин тоа има рефлексија на овдешните принципи на новинарството, осиромашено со инвестиции на издавачите или сопствениците, и осиромашено од квалитетен новинарски кадар. Тука нема навреди, туку само констатации. И поради тоа доаѓа до она што го кажува Аманпар: Едната страна го вели ова, а другата го вели она. Недостигот од ресурси, и парични и кадровски, води до таа линија каде што нема отпор. Или има некои други интереси. Или едноставно, линија на поводливост.

Кога пред некој ден пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, напиша енигматски пост на Фејсбук за потребата за обединување во неговата партија, главната вест во многу медиуми не беше самиот текст на објавата и зошто се случува токму сега, туку десетиците и десетиците реакции под него, во кои имаше исмејување, потценување, омаловажување и цинизам за она што го работат социјалдемократите и владата што ја предводат. Веста не беше неговата објава, туку реакциите под неа, во голема мерка инструирани и инструментализирани веројатно од ривалскиот дигитален центар. Никој не се потруди да ја дешифрира оваа енигма на Костовски, да се обиде да ја открие вистинитоста во неа (ако ја има), туку реакциите беа површински, според политичката навика. Кодот на енигматската загатка се откри два дена подоцна, без новинарски придонес, со фотографијата на Димитар Ковачевски и Зоран Заев во седиштето на партијата и најавата за формирање на некаков стратешки тим.

Можеби најдобро е оваа експликација да ја завршиме со дел од подолгиот есеј за новинарството на Мартин Барон од март годинава. Барон беше главен уредник на „Вашингтон пост“ девет години до 2021 (па замина во пензија), а пред тоа 11 години на истата функција во „Бостон глоуб“. Македонската јавност знае за неговата личност, иако не и за името по извонредниот филм Spotlight (Под лупа) за неверојатното темелно истражување на „Бостон глоуб“ за систематското сексуално злоставување на деца од католички свештеници во бостонската диоцеза.

 

Мартин Барон вели вака:

„Денес, најчесто се поставува прашањето: Дали медиумите, придржувајќи се до традиционалните стандарди, беа дораснати да ја покриваат владата предводена од Доналд Трамп, со неговиот модел на лаги и антидемократски импулси? А сепак, практично сè што јавноста знае за неговите лаги и неговата злоупотреба на моќ е поради работата на мејнстрим новинарските организации.

Нема професија без маани. Не постои таква што секогаш ги исполнува своите највисоки идеали. Новинарството во никој случај не е исклучок. Честопати сме потфрлиле, срамно и страшно. Често правевме штета: Преку грешки при извршување и грешки при пропусти. Поради брзање и занемарување. Поради предрасуди и ароганција. Но, нашите неуспеси не беа принципиелни. Тие не успеаја да живеат во согласност со принципот. Можеме – и треба – да водиме енергична дебата за тоа како демократијата и печатот можат подобро да ѝ служат на јавноста“.

(Дојче веле)

Љупчо Поповски

 

Back to top button
Close