ВИДЕО: Најмалку 158 возила се судрија, а седум лица загинаа, поради многу густа магла во САД

Најмалку седум лица загинаа вчера во серија сообраќајни несреќи на меѓудржавниот автопат 55 во Луизијана во кои учествуваа најмалку 158 возила, соопшти државната полиција. Повеќе од 25 лица се пренесени во болниците со повреди кои варираат од полесни до критични, додаде полицијата во вечерното соопштение за печатот.

Метеоролозите претходно соопштија дека супермагла ја зафатила областа западно од Њу Орлеанс околу времето на несреќата. Супермаглата е густа магла која се развива во влажни услови и може да ја намали видливоста на помалку од десет метри, соопшти Националната метеоролошка служба.

Комбинација од густа магла и чад пожарите

Властите објаснија дека некои возила се запалиле по првата несреќа. Едно од возилата вклучени во несреќите е цистерна што превезувала опасна течност, соопшти полицијата без да ја прецизира супстанцата.

„По отстранувањето на цистерната, службите за прва помош ќе можат подобро да ги проценат возилата во непосредна близина. Можно е да се пронајдат дополнителни жртви“ соопшти синоќа полицијата, пренесе Си-ен-ен.

Властите побараа од граѓаните да се јават доколку имаат исчезнат член на семејството кој патувал во областа во понеделникот наутро. Гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс, рече дека се моли за загинатите и повредените во несреќите.

„Комбинацијата од огнен чад и густа магла е опасна и сакам да ги охрабрам сите жители на Луизијана во погодените области да бидат исклучително внимателни додека патуваат“ напиша Едвардс на Икс.

Back to top button
Close