Судот му одреди 48-часовен притвор на осомничениот што го возел Палевски преку Бугарија до Турција
Основниот кривичен суд Скопје денеска официјално информираше дека на четворицата осомничени за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски им е одреден 30-дневен притвор по синоќешниот распит пред судија на претходна постапка.
Притвор им е одреден на Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, како и на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кои во соопштението од Кривичен се наведени со иницијали.
Мерката, како што се наведува, е одредена поради опасност од бегство, попречување на истрагата преку влијание на сведоци и повторување или извршување на ново кривично дело.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерки притвор против 4 лица кои во текот на вчерашниот ден беа спроведени во судот, а поврзани со грабнувањето и убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и убиството на велешанецот П.Ж., ценејќи ги приложените факти и исказите на обвинетите во однос на предлогот за притвор донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител. Па така на В.М., В.К., Б.В., и А.Ѓ. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а заради постоење на основите од член 165 став 1, точки 1,2 и 3 од Законот за кривична постапка (ЗКП) односно опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание на сведоци и повторување или извршување ново кривично дело“се наведува во соопштението од Кривичен.
Оттаму информираат и дека е одреден краткотраен 48-часовен притвор и на лицето што се сомничи дека го возел Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиството на Вања и на Панче Жежовски, од Србија, преку Бугарија до Турција. Инаку, Палевски вчера беше уапсен од турската полиција откако Министерството за внатрешни работи, преку Интерпол, распиша меѓународната потерница по него.
Станува збор за лице со иницијали С.Д., кое обвинителството го сомничи за кривичното дело помагање сторител во извршено кривично дело.
За неговото апсење и за улогата што ја имал при бегството на Палевски вчера преку соопштение информираше Јавното обвинителство во кое беше наведено дека бара да му биде одреден 48-часовен притвор.
„Воедно судија на претходна постапка го прифати и предлогот за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа за С.Д. кој е осомничен за кривичното дело помагање на сторител во извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а заради постење на основите од точка 1 и 3 од став 1 на член 165 од ЗКП“ велат од Кривичен