Дали се гледа крајот

Почитувани читатели, деновиве пред нас за мене имаат големо значење. На 14 февруари ќе го чествуваме Свети Трифун, ден на светецот од православната христијанска религија и ден кога отпочнуваат сите земјоделски активности на северната полутопка од планетата Земја, кога полињата се оплодуваат со култури кои што за човекот и човештвото живот значат. Следниот ден, на 15 февруари, во Музејот на македонската борба, со почеток во 18 часот, ќе се одржи промоција на мојата тукушто отпечатена книга под наслов „Мојот непокор”.

Книгата претставува збирка на сите мои колумни, пишувани изминатите четири години, поврзани со стечајот на Еуростандард банка, „Мојот непокор„.

Нашата убава татковина, Република Македонија, денес се наоѓа на столбот на срамот на светско ниво поради сеприсутноста на криминалот и корупција во сите сфери од нашето секојдневие.

Македонија е единствената земја во која криминалците имаат своја држава. Жално е што во изминатите 4 години секоја седмица пишував колумни изнесувајќи нови факти пред јавноста и пред институциите на системот, кои останаа глуви апологети без одважност да го бранат мојот и интересот на нашите граѓани. Еуростандард банка не смееше да оди во стечај!

Во Август 2022 година ги обзнанив резултатите од мојата приватна истрага, поврзана со стечајот на Еуростандард банка и извештајот покажа девијантни или поточно кажано криминални шеми за незаконско користење на средства од правни и физички лица, клиенти на банката од страна на поединци и групи.

Евидентно е дека моите колумни и резултатите од приватната истрага се неприфатливи за институциите, кои се законски обврзани да го гонат криминалот и корупцијата.

Покренување на истрага од така-наречениот „допрен глас” во случајот со Еуростандард банка, сѐ уште нема.

Се одлучив моите пишани колумни да ги овековечам во отпечатена книга. Причината е едноставна, пишаните и објавени колумни може да се забошотат, ама отпечатената книга која ќе биде дистрибуирана до сите институции во Република Македонија, вклучително и библиотеките, ќе остави неизбришлива трага. Можеби мојата генерација нема да ја доживее таа победа, меѓутоа убеден сум дека на генерациите кои доаѓаат, токму оваа печатена книга ќе им значи за нивниот личен развој и дека преку личната борба се стасува до колективна победа и посакувана цел. Животот по вокација е борба и таа лекција треба да ја научиме.

Почитувани читатели, како може да се објасни фактот дека од веќе собраните финансиски средства во стечајната маса ќе бидат исплатени сите правни и физички лица, клиенти на банката?

Како може да се објасни фактот што во стечајната маса ќе треба да се соберат уште неколку десетици милиони евра? Не смееме да го заборавиме и фактот дека телото кое управува со стечајната маса во Еуростандард банка во стечај, досега има потрошено по над 5 милиони евра. Овие 5 милиони евра се средства и капитал на банката.

Не можам да го разберам молкот на институциите кои владеат во Република Македонија. Не сум јас во прашање како поединец, во прашање е иднината на моите и на вашите семејства. Каков систем на вредности градиме?

Масовното иселување на младата работоспособна и репродуктивна популација од Македонија, најнапред се должи на фактот дека во Македонија не владее правото и правдата, туку владее криминалот и корупцијата.

Мораме заеднички да му го попречиме патот на ова општествено зло, кое постепено ни ги урива домовите, семејствата, културата, традицијата, обичаите и иднината.

Непокорот, во вистинска смисла на зборот, е единствениот пат до целта, а тој пат е трасата на мојот живот.

Почитувани читатели, мојата борба ќе продолжи до конечна победа. Во предвечерјето сме на парламентарни и претседателски избори.

Од луѓето кои ќе дојдат на клучните позиции во државата, многу ќе зависи дали ќе тргнеме по вистинскиот пат и ќе градиме модерна држава со ситуирани, задоволни и среќни граѓани или пак ќе дозволиме да тонеме кон дното на бездната, чиј крај сѐ уште не може да се види.

Изборот е наш.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close