(ВИДЕО) 360 Степени: Лажна е веста дека Талат Џафери не го кажал уставното име при заклетвата за неговиот реизбор во 2020 г.
Во прилог на веста објавена на повеќе портали во која пишува дека при повторниот избор на Џафери за собраниски спикер тој се заколнал дека ќе ги почитува „Уставот и законите на Република Македонија“, објавена е и видеоснимка за која неточно се тврди дека е од конкретниот настан
Со едноставно проверување на видозаписите објавени на повеќе медиуми од истиот ден јасно се гледа и се слуша дека Џафери го кажува уставното име на државата давајќи ја свечената изјава при неговиот реизбор
Манипулација е веста објавена на повеќе портали дека актуелниот технички премиер и поранешен собраниски спикер, Taлат Џафери, во свечената изјава по неговиот реизбор на функцијата претседател на Собранието не го кажал уставното име на државата.
Во низата портали, меѓу другите и на „Плусинфо“, беше објавена вест со наслов „За што се колнеше Џафери во 2020 година? И поранешниот спикер не го спомна ‘тоа на С’ на заклетвата, па никому ништо!“, а во неа беше приложена и видеоснимка за која порталот тврди дека е од конкретниот настан.
Видеото оригинално е објавено на социјалната мрежа Икс од страна на извесен корисник под името Миталик, а линк од објавата е споделена во веста на порталот.
Но, во суштина, не е точно дека Џафери не го кажал уставното име на државата во свечената изјава при неговиот реизбор. Интернет-пребарување од конкретниот настан, одржан на 21 август 2020 година, нè води до медиумски објави во кои е интегрално пренесено обраќањето на Талат Џафери. Во заклетвата тој вели:
„Изјавувам дека функцијата претседател на Собранието на Република Северна Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија.“