Заев за БИРН: Изборниот пораз на СДСМ се должи и на неисполнетите ветувања на ЕУ

Изборниот пораз на СДСМ на парламентарните и претседателските избори во значителен дел се должи на демотивираните профресивни гласачи, уморни од неисполнетите ветувања на Европската Унија за побрзо пристапување, вели за Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) поранешниот премиер и претседател на СДСМ Зоран Заев, објави порталот „Призма“.

Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев / Фото: „Призма“

„ЕУ не нè предаде“,вели тој, но нагласува дека „тие не ги исполнија сите обврски“. 

Конференциската сала на Конзерваториумот во Атина вечерта на 17 јуни беше преполна додека Заев и неговиот поранешен грчки колега Алексис Ципрас говореа за значењето на договорот за името од Преспа од 2018, за потребата да опстане и за неговата политичка цена.

 

Со дводневната меѓународна конференција за мир и одржлив развој, која ја орагнизираа двајцата поранешни премиери, беше одбележана шестата годишнина од историскиот договор.

По двата договора, прво добрососедскиот со Бугарија во 2017 година, а потоа и Договорот од Преспа со Грција во 2018 година, Македонија ја дочекаа нови блокади во ЕУ. Земјата влезе во НАТО во 2020 година, но почетокот на пристапните преговори со ЕУ не се случи, што Заев оцени дека било разочарување.

„Имаше демотивација на прогресивните гласачи поради ЕУ. Се случи методологијата на Макрон, и се случи Бугарија… Има мешавина од причини“,рече тој за изборниот пораз во мај. 

Во официјалниот говор, пак, поконкретно ги спомена и другите причини за поразот. Правејќи ретроспектива на владеењето рече дека слабата борба против корупцијата на неговата партија, исто така, придонела за изборниот пад. Сепак, тој додаде дека откако си заминал од кормилото нема видлив успех и во борбата против криминалот и корупцијата.

На настанот во Атина, Ципрас пак рече дека доколку не се почитува договорот од Преспа, не само што е загрозена ЕУ перспективата на Северна Македонија, туку и нејзиното „постоење“, бидејќи ѝ се заканува „меѓународна изолација“.

Тој истакна дека „трети земји“, како Турција и Русија, се обидуваат да интервенираат на Балканот. Затоа, рече тој, договорот е од „стратешко“ значење и за ЕУ.

Целиот текст објавен на „Призма“ може да го прочитате ТУКА.

Back to top button
Close