Идеите за репреговарање дополнително ќе ја оддалечат С Македонија од ЕУ – реагира официјална Софија по изјавата на Мицкоски

 

Покренувањето идеи за репреговарање на веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство на С Македонија во Европската Унија – реагираат од Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски оти Преговарачката рамка со ЕУ може да се промени.

„Во врска со изјавите на премиерот на Република Северна Македонија, МНР на Република Бугарија упорно потсетува дека европскиот консензус постигнат во летото 2022 година меѓу 27. земји членки на ЕУ и самата Северна Македонија јасно ги опишува чекорите за постигнување вистински напредок во евроинтегративниот процес на соседната земја. Исто така, принципот на едногласност во процесот на проширување на ЕУ е вграден во Договорот за Европската Унија и во преговарачките рамки на сите досегашни и сегашни проширувања“,се вели, меѓу другото, во реакцијата на бугарското МНР.

Официјална Софија ги оцени за неприфатливи намерите на новата влада во земјава „да не се придржува до меѓународните договори“, но и намерата со која, како што велат од бугарското МНР, да го отфрли барањето на дел од сопствените граѓани и да ги гарантира нивните права преку вклучување во Уставот.

„Таквиот став е неспоив со напредокот на европскиот пат. Остава сериозна загриженост дека во својата политика кон Бугарите и Бугарија, актуелната влада во Скопје ризикува да биде заробена од догмите на едно минато време, отфрлена од сите демократски општества“,

додаваат од бугарското МНР во писменото соопштение.
Оттаму оценуваат оти земјава веќе изгубила премногу време во процесот на отворање на преговорите како резултат на, како што се вели во соопштението, непотребните провокации и конфронтации со соседните земји.

Нагласуваат оти позицијата на Бугарија останува непроменета и дека за да добие поддршка во процесот на исполнување на критериумите за членство во Унијата, земјава ќе мора да ги исполни преземените меѓународни обврски и, како што се додава, да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права.

Реакцијата на официјална Софија следува откако вчера, на својот прв ден од премиерскиот мандат, Христијан Мицкоски изјави дека Преговарачката рамка со Европската Унија може да се промени. Рече дека кога ќе има политичка влада во Бугарија, тој е подготвен да преговара по најмалку три решенија.

За разлика од Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски вчера изјави дека земјата не е подготвена за уставни измени под бугарски диктат, а тие, како што кажа, не се поврзани со Преговарачката рамка.

Back to top button
Close