ВМРО-ДПМНЕ: ЈО и судството да постапат и Бектеши да сноси одговорност
Обвинителството и судството да постапат по случајот со Крешник Бектеши и тој да сноси одговорност, повикаа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ по веста дека МВР му поднело пријава на поранешниот министер за економија за кривично дело поврзано со изборниот процес.
„Добро е што Бектеши призна дека правел притисок, а сега ЈО и судството да постапат и да сноси и одговорност. Како таа порака со содржина дека е срамота што МВР се занимава со млади луѓе не е притисок? Дали за Бектеши младите прекршители на законот или криминалци не се криминалци? Што за Бектеши се млади луѓе, дали тоа се лица од 18 до 30 години и дали тие не треба да се гонат ако направиле прекршок или кривично дело? Која порака Бектеши ја упатува до младите?“прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Оттаму ја повикаа ДУИ „наместо да фолира по медиумите, да се огради од Бектеши што побрзо“.
Во полицискиот билтен за 25.7.2024 година, како што соопшти МВР, СВР Охрид му поднело кривична пријава на К.Б. (39) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело попречување на правдата. Како што објави Телма, станува збор за поранешниот министер од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, односно иницијалите објавени во билтенот соодветствуваат на неговото име.
Обвинувања против Бектеши од ДУИ ги квалификуваа како политички лов на вештерки и неосновани кои имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници.